Новиот изглед првенствено ги доближува услугите на Google како Meet, Chat и Spaces до платформата на Gmail, правејќи ги голема заедница од која е можно да пишувате е-пошта, да разговарате, да остварувате повици, да остварувате видеоповици и да испраќате фајлови поврзани со Google Drive.
Google нема да застане тука и до крајот на годината конечно ќе го подобри Gmail за таблети, кој со години има очајна потреба од средување, а патем ќе работи и на подобра поддршка за емотиконите кои се кул за сите во последно време, како и на опции кои ќе го олеснат користењето на Gmail за луѓе со оштетен вид, слух и други посебни потреби.
Ако сте корисник на бизнис пакет услуги на Google, новиот изглед можеби е веќе доставен до вас, а ако не, тоа ќе биде многу наскоро. Досега корисниците можеа да го заменат новиот Gmail со стариот, но отсега тоа не е можно и секој ќе мора исклучиво да го користи новиот интерфејс.
Промената за која моментално најмногу се зборува е дополнителната лизгачка лента од левата страна, па покрај стандардната која до сега ги прикажуваше сите секции за е-пошта, акаунтите имаат уште една која служи за лесно и брзо префрлање од е-пошта на Google Chat, Spaces или Meet. Има и нови бои, така што горниот дел од веб апликацијата ќе се смени во сив, а маркерот за различни секции за е-пошта од црвено во сино, можно е лесно менување на имињата на категориите, подобро пребарување на луѓе со слични имиња, за да не направите грешка кога праќате е-пошта или започнувате разговор, како и сосема различни копчиња за составување и многу други.
Оние кои веќе го добиле новиот Gmail велат дека променетите бои се во ред (најмногу затоа што корисниците можат сами да ја изберат темата за заднина и на тој начин да го приспособат изгледот по свој вкус), но се жалаат на дополнителната лизгачка лента.
Проблемот со новиот додаток е што корисниците немаат контрола и не можат да ги сокријат копчињата, па лизгачката лента зазема премногу од екранот за џабе. Го нарекуваат и реклама за Google Chat и Meet и веќе жалаат по класичниот изглед на Gmail.
Исто како и мобилната апликација, новиот Gmail прави грешка бидејќи ги дели пораките - некои одат во Chat, а групните пораки одат во Spaces.