Според Travelweekly, ако има нешто пожешко од топлотен бран во Европа ова лето, тоа е патување во Италија.
Експертите велат дека Италија постојано е меѓу првите европски дестинации за летни резервации откако меѓународните патувања се вратија оваа пролет, и дека ваква побарувачка за патувања не е забележана од почетокот на пандемијата.
„Интересот за лето 2022 година во Италија е исклучително висок со приближно 75 проценти од моите резервации од април исклучиво за оваа земја“, рече Мелинда Фортунато, сопственичка на Best Travel во Ферфакс, Вирџинија.
Бројките кои го отсликуваат успехот на италијанскиот туризам оваа година се на прагот да си ја вратат „старата слава“, а забележливо е дека патниците од Канада, Австралија, Велика Британија и Шпанија се враќаат на нивото од 2019 година.
Неодамнешното истражување на италијанската организација „Confcommercio“ покажа дека околу 2,2 милиони Американци се очекува да ја посетат Италија до крајот на летото и да потрошат 2,1 милијарди евра меѓу јули и септември, што е зголемување за 20 отсто во споредба со 2019 година.
„Медените месеци, годишнините и одложените патувања од 2020 година се главните причини зошто луѓето одат во Италија“, рече Фортунато, додавајќи дека резервациите во „последна минута“ се зголемуваат во последните месеци.
„Луѓето резервираат два месеци наместо шест до девет месеци однапред“, додаде таа.
Како што наведува Фортунато, брегот Амалфи беше најбараната италијанска дестинација оваа година, а потоа следуваат Тоскана, Рим, Фиренца и Венеција.