Потрошувачката на вода во Скопје, според податоците од ЈП „Водовод и канализација“, во зимскиот период (октомври- март) кој најчесто го користат како релевантен период за реалната потрошувачка во градот, се движи во рамките на 500 литри на жител дневно или во просек произведена вода од околу 268.000 м3 секој ден за задоволување на потребите.
Во летниот период (април – септември) од повеќегодишните анализи потрошувачката на вода се зголемува во просек за 10-15 проценти во зависност од просечните температури во посочениот период. Во овој период, жителите на градот Скопје просечно трошат по околу 560 – 570 литри дневно или во просек по околу 295.000 м3 вода.
Колку за споредба, ако се земе во предвид дека еден олимписки базен со димензии 50 на 25 метри и длабочина од 2 метри собира 2 500 000 литри вода, а во Скопје дневно се трошат во просек по 500 литри на човек (500 литри х 526 502 жители според Попис 2021) тогаш дневно Скопјани трошат околу 105 олимписки базени со вода.
Од нив, само 42 се фактурираат, односно се наплаќаат, додека 63 се водат како недоходовна вода.
Изворот Рашче, од каде се снабдува со вода Градот Скопје, од ЈП „Водовод и канализација“- Скопје велат дека во моментов дава околу 3 600 литри во секунда. Во периодите на денот со повисока потрошувачка на располагање стојат и бунарските подрачја „Нерези“ и „Лепенец“ кои би можеле да дадат дополнителни околу 700 л/с, што е доволно за задоволување на потребите.
– Иако постоечките капацитети ги задоволуваат потребите на граѓаните на град Скопје, кога станува збор за природни извори, треба да бидеме свесни дека ние не можеме да управуваме со природата и треба рационално и совесно да ги користиме нејзините ресурси кои се изложени на различни фактори како климатските промени што резултираат со зголемени температури, но и поголеми сушни периоди, посочуваат од ЈП „Водовод и канализација“ Скопје.
Постоечките капацитети се доволни за задоволување на потребите на граѓаните, но ЈП Водовод и канализација – Скопје работи и на истражување за изнаоѓање на алтернативни извори на водоснабдување, имајќи ги предвид сите фактори меѓу кои и проширувањето на градот како и зголемувањето на бројот на жителите на краток и долг временски период.
-Во моментов повторно се почнува со мониторингот на алтернативни извори за водоснабдување, а тоа се Патишка река, Кадина река, Мала река и Кадина по влив на Мала река. Тоа се водени примероци кои имаат низок минеролошки состав и следствено на тоа и ниска тврдина. Во досегашните испитувања истите се покажале со задоволителен квалитет по физичко-хемиски ипараметри, микробиолошки, радиолошки анализи и анализи на пестициди и паразити, а со тоа и се јавува потребата да се трага по идни можни решенија за да истите можат да се користат како алтернативни извори за водоснабдување, посочуваат од ЈП „Водовод и канализација“.
Воедно, како што информираат, претпријатието во текот на минатата година како и сега работи на повторно ревитализирање на веќе постоечки бунарски капацитети кои се во негова сопственост – бунарскиот систем во Бутел и Инџиково.