Атлетската легенда Усеин Болт одлучи да ја заштити својата поза која ја користеше за да ги прослави своите многубројни победи на Олимписките игри и Светските првенства.
Таа поза е светски позната: тој се наведнува наназад и со рацете покажува кон небото и затоа ја нарекуваат „поза на молња“.
Тоа го повтори откако го освои олимпиското и светското злато и постави светски рекорди.
Болт, кој се повлече од атлетиката пред пет години, сè уште ги држи светските рекорди на 100 и 200 метри, што го прави најбрзиот човек во историјата. Тој поднесе апликација за логото до Канцеларијата за патенти и трговски марки на САД на 17 август.
Како изгледа логото за „молња поза“?
Логото прикажува „Силуета на маж во препознатлива поза, со едната рака свиткана и насочена кон главата, а другата подигната и насочена нагоре“.
Тој има намера да го користи логото на многу работи, како облека, накит, чевли, ресторани и барови. Силуетата на неговата победничка поза е препознатлива ширум светот.
Болт поднесе барање за слична трговска марка пред 12 години, но барањето истече според американскиот закон. Осумкратниот олимписки шампион се повлече од атлетиката на Светското првенство во Лондон во 2017 година.
На прашањето дали би размислувал да се врати на трките, тој одговори:
„Има многу кои се пензионираа, па се вратија и беа само полоши или засрамени. Јас нема да бидам еден од тие луѓе“.
По повлекувањето од професионалниот спорт, неговиот најпопуларен бизнис се рестораните, кои ги има во родната Јамајка и во Лондон.