55-годишникот во саботата околу 1 часот по полноќ седнал на работ од фонтаната и почнал да јаде сладолед, по што бил запрен од полицијата и казнет поради законите за заштита на спомениците, кои се наменети за одржување пристоен изглед на градот.
La fontana dei Catecumeni, која е популарно место за средби во населбата Монти, е дело на Батиста Рускони и датира од 1589 година. Заштитена е со правила кои првпат беа воведени во 70-тите за да се зачуваат историските фонтани, статуи и други споменици. Ажурираните закони со фокус на одржување на „еколошкото уредување“ на градот се во сила од 2019 година.
Заштита од прекумерен туризам?
Правилата, покрај забраната за јадење, вклучуваат и забрана за консумирање алкохолни пијалоци на улица, организирање обиколки по кафеани со алкохолни пијалоци и капење во градски фонтани.
Локалната полиција соопшти дека извршила повеќе од 300 интервенции минатиот викенд. Полицајците може да изрекуваат казни, па дури и да им забранат на луѓето да влегуваат во одредена област во период од 48 часа. Оние кои ќе го повторат престапот може да добијат забрана до 60 дена.
Кога беа воведени овие правила, градскиот совет рече дека тие „се занимаваат со многу аспекти од градскиот живот, со особено внимание на почитувањето на уметничкото и културното наследство на главниот град“.
Правилата се во служба и на борбата против прекумерниот туризам, бидејќи Рим има проблем со премногу посетители. Пред пандемијата на коронавирус, околу 10 милиони туристи пристигнуваа во Рим секоја година.
извор: kajgana.com