По смртта на Елизабета, Чарлс и Вилијам стануваат уште побогати луѓе. Приходите од нивните имоти најчесто завршуваат во кралската каса, обезбедувањето им е на државна сметка, а не плаќаат ниту даноци. Што ќе наследат Чарлс и Вилијам од кралицата?
Досега пракса е кралските тестаменти да се чуваат во тајност, па така, најверојатно јавноста нема да дознае што им оставила кралицата на своите деца, внуци и правнуци.
Но, големиот број имоти што кралското семејство ги поседува и кои се проценува дека вредат околу 18 милијарди британски фунти сега ќе останат во сопственост на кралот Чарлс Трети и неговиот наследник, принцот Вилијам.
Вилијам наследи имот вреден 1 милијарда фунти
Се очекува дека новиот принц од Велс, Вилијам, ќе стане многу побогат човек, затоа што ќе го наследи имотот на неговиот татко. Тој ќе го наследи и имотот на војводството од Корнвел, сместено во југо-источна Англија.
Имотот бил изграден во 1227-ма година од кралот Едвард Трети, а се проценува дека вреди околу 1 милијарда фунти. Приходите од имотот се користат за финансирање јавни, приватни и хуманитарни активности на војводата од Корнвел.
За разлика од некои други имоти, неговиот сопственик не мора да приложува никакви други документи до државата, освен да прикаже колкава заработка остварил.
Минатата година, Чарлс самиот си префрлил „плата“ во износ од 21 милиони фунти од имотот во војводството во Корнвел.
Што ќе наследи Чарлс?
Најголемиот имот во семејството, Краун Естејт кој вреди околу 16,5 милијарди долари, сега е во сопственост на Кралот Чарлс.
Сепак, по договорот од 1760-та година кралот сега ги предава сите приходи од имотот на владата, а за возврат добива дел од нив, во вид на грант.
Тука влегуваат имоти во централен Лондон и повеќе имоти на крајбрежјето на Англија, Велс и во Северна Ирска.
Овие имоти имаат статус на корпорација Monarchy PLC што е управувана од главен извршител и повеќе директори, кои се назначени од кралот по препорака на премиерот.
Во последната фискална година, овој имот собра профит од околу 313 милиони фунти, а кралицата од тоа доби грант околу 86 милиони фунти.
И покрај големите суми што ги добива од овој имот, кралот и неговиот наследник се ограничени во поглед на тоа како ги трошат парите од него.
Така, кралот може да го троши грантот што го добива само на кралски должности, а ниту тој, ниту неговиот наследник не можат да профитираат од продажба на имоти што се нивен посед.
Освен Краун Естејт, Чарлс ќе го наследи и имотот во војводството Ланкастер, кој има богато портфолио и се проценува дека вреди над 950 милиони долари.
Ова војводство кое е основано во 1399-та година, минатата година пријавило профит од 27 милиони долари.
Овие пари, слично како и приходите од имотот во Корнвел (на Вилијам) остануваат во кралската каса и за нив не треба да се приложуваат документи во државата.
Какви државни привилегии уживаат кралот и неговиот наследник?
За разлика од другите богати семејства, Чарлс и Вилијам нема да плаќаат данок за имотот што го наследиле од кралицата.
Според Forbes, кралицата имала богатство од околу 500 милиони долари, но тоа е само дел од огромното богатство што го поседува кралското семејство.
Според влијателниот весник целокупното кралско богатство може да се процени на околу 28 милијарди долари кои се управувани од конгломератот Monarchy PLC.
Членовите на семејството не плаќаат за сопственото обезбедување, туку тоа се плаќа од државната каса.
Според пресметките, кралското семејство од државната каса зема над 100 милиони годишно за обезбедување.
Досега се шпекулираше дека Чарлс по преземањето на титулата ќе го намали настапот на важните членови на семејството со цел да ги намали трошоците, а исто така нагласи дека веројатно ќе треба отвори и повеќе кралски имоти за јавноста со цел да обезбеди поголеми приходи.
Што добива државата од кралското семејство?
Кралското семејство честопати е на удар затоа што успешно го крие износот на сопственото богатство.
Тие не поднесуваат никакви документи до владата, а нивните официјални документи се чуваат во Националниот Архив на Британија во последните 50 години.
Токму заради тоа голем број детали за богатството на кралското семејство никогаш нема да бидат разоткриени.
Така, треба да се потсетиме дека во скандалот со Панамските хартии, беше вклучен и имотот во војводството Ланкастер, кога беше откриено дека на име на овој имот се отворени офшор сметки во вредност од 13 милиони долари.
Се смета дека кралското семејство во Британија е главен двигател на туризмот и во минатата година на земјата ѝ донело приходи во износ од 640 милиони долари, а иако кралското семејство зема околу 25 проценти од приходите на Краун Естејт, овој имот носи огромна заработка и за државата.
извор: crnobelo.com