Автобускиот билет поскапе и во еден правец чини 170 денари, а месечниот билет е 5.000 денари. Ова ги „удри“ по џеб сите оние кои често патуваат во Скопје. На телефонскиот број за информации во Железници на Северна Македонија велат дека дневно имаат 4 линии од Куманово кон Скопје и обратно, но првите два воза тргнуваат во раните утрински часови, има еден попладне и еден навечер.
Билетот во еден правец е 87 денари, а доколку патниците извадат повратен, тој чини 140 денари. Има одреден број на патници кои патуваат со воз, но тоа не може да се спореди со онаа фреквенција која ја има на релациите Скопје - Велес и Скопје - Битола. Дополнително проблем за граѓаните е тоа што железничката станица е надвор од градот. Да одат пеш е далеку, се работи за неколку километри, а доколку платат такси, практично нема ништо да заштедат. Ова не важи за жителите кои живеат во непосредна близина на станицата во селото Черкези.
Сите се согласуваат дека транспортот поскапе нагло како и многу други работи, и тоа ги засега семејствата кои имаат студенти.
Но, граѓаните истакнуваат и дека патувањето со автобус за нив е попрактично поради честите линии и автобусот е поудобен за патување.
Ако се вратиме наназад, во 2007 и 2008 година билетот на релација Куманово – Скопје чинеше 50, односно 60 денари. Потоа цената скокна на 80, па на 100 денари, а последниве години се покачи на 120, па потоа на 150, а сега чини 170 денари. Според некои неофицијални бројки во екот на пандемијата, околу 4.000 кумановци секој ден патуваат во Скопје. Тие одат на работа во главниот град поради поголемиот избор на професии и шансите за напредок.
извор: faktor.mk