Не е новост дека јапонците најдобро знаат како да започнат и одржуваат бизнис. На списокот на „најстарите компании во светот“ има дури и неколку јапонски кои постојат илјада или повеќе години.
Компаниите кои со стотици години се спротивставуваат на времето и на сето она што тоа го носи – кризи, мали и големи војни, верски и политички предизвици, поплави, земјотреси и пандемии – имаат едно заедничко - тоа се главно семејни бизниси кои не „играа“ со квалитетот.
Како работат најстарите компании
Доколку денес нарачате ѕвоно од италијанската компанија Маринели, основана во 1040 година, ќе добиете примерок изработен од метал со техника која се користи од самиот почеток на производството. А што се однесува до јапонците и нивните деловни тајни за долговечноста, тие се кријат во принципот „добро за секого“. Договорот не е добар ако е добар само за едната страна. Договорот мора да биде добар за сите три страни - продавачот, купувачот и целата заедница.
Многу важен и заеднички сегмент за најстарите компании кои преживеале вековни предизвици е принципот на штедење и „што помалку ризикување со капиталот“, како што пишува холандскиот историчар Ари де Геус. „Овие принципи ги ставаат најстарите компании во позиција да имаат пари за инвестирање, да прифаќаат нови деловни можности без да бараат финансиска помош од трета страна“, напиша Геус во своето истражување.