Повеќе од 29 милиони туристи ја посетиле Турција во периодот од јануари до август годинава, што е повеќе од двојно во споредба со истиот период минатата година, покажуваат официјалните податоци на Министерството за култура и туризам.
Последната бројка од 29,3 милиони претставува зголемување од 108,5 отсто во споредба со пред една година, објави турското Министерство. Бројот на гости во периодот јануари-август минатата година бил 14,1 милион, во 2020 година 7,2 милиони и 2019 година 31 милион, јавува Anadolu Agency.
Истанбул, најпознатиот и најнаселен град во Турција, беше најголемата привлечност за странските посетители, привлекувајќи 10,2 милиони туристи.
Следува одморалиштето Анталија со 8,6 милиони посетители, додека Једрене, град во северозападна Турција што се граничи со Бугарија и Грција, беше домаќин на 3,1 милиони туристи.
Со 3,85 милиони, Германците сочинуваат 13 отсто од сите посетители, потоа Русите со нешто повеќе од три милиони, Британците со 2,4 милиони, Бугарите со 1,7 милиони и Иранците со 1,5 милиони. Ако на вкупниот број посетители се додадат турските државјани кои живеат во странство, тој од јануари до август ќе се искачи на 32,5 милиони.
извор: biznisinfo.mk