Престој и работа директно на фарма, понекогаш континуирано и по две недели. Одгледување животни и растителни култури, садење, кроење, орање, копање, жнеење, молзење, правење сирење или вино, управување со механизација,… Вака се учи земјоделство во Швајцарија ако по основното школо одберете тригодишно стручно образование.
Професијата е атрактивна и годишно привлекува по околу 1 000 млади луѓе.
Секоја година по 1 000 млади луѓе во нашата земја го почнуваат стручното земјоделско образование. Тоа е, помалку или повеќе, бројот што ни треба. Земјоделството е атрактивна професија кај нас, иако подразбира посветеност, многу работа и плати кои не се исти со оние на канцелариските струки. Многу млади се заинтересирани да изучуваат земјоделство зашто вистински сакаат природа, животни. И не се откажуваат иако знаат дека тоа значи станување рано, останување доцна во ноќта – едноставно се свесни дека произведуваат храна, а тоа е многу важна, значајна мисија, вели Петра Зигарт од швајцарската Асоцијација на фармери.
Затоа е неопходно да привлечеме што поголем број млади луѓе во оваа професија. Правиме се за да има доволно и тие да добијат најдобро можно образование. Работиме на тоа. Всушност деца на 15 – 16 години почнуваат со стручно образование за земјоделство кое, меѓу другото, може да се изведува и на курсеви или во тренинг центри. Тоа подразбира многу пракса, директно на фарма.
Учениците престојуваат на различни фарми за да ги научат спецификите на производство – некои фарми се само со крави и произведуваат млеко, други се специјализирани за растително производство, некои се планински, други низински, трети висински,…
Земјоделското дуално (стручно) образование во Швајцарија посебно внимание посветува и на руралните жени. И тие можат, ако сакаат, да минат низ овој процес. Така стекнуваат диплома и „фактичка професија“. Учат како да ги манаџираат домаќинствата, но не само од финансиски аспект, туку и во однос на готвење, чистење, перење,…
Швајцарското стручното образование во земјоделството е партнерски организирано и поддржано од конфедерацијата, кантоните и професионалните организации. Конфедерацијата е одговорна за законодавството, за менаџирање и развој, кантоните тоа го имплементираат и вршат супервизија, додека професионалните организации ги креираат едукативната содржина и местата за обука (тренинг).
Факултетот за земјоделство во Швајцарија е пет години и порано имал најмалку шест месеци пракса. Денес, повеќето со факултетски дипломи работат во администрација.
извор: kanal5.com.mk