Ќе биде формиран посебен Совет кој ќе се занимава со проблемот на учебниците во основно и средно образование и ноемвриски рок за печатење на учебниците кои недостасуваат, најавија од Министерството за образование.
Проблемот со учебници не е само во основно, туку и во средно образование. Во најбрзо време ќе се оформи еден вид совет за целиот проблем, кој не е само за оваа година, туку за конечно да се најде решение и за основно и за средно училиште.
Проблемот со учебниците не е само од оваа учебна година. И претходната учебна година почна со нов концепт за основно образование и со нови учебни програми. Тој концепт минатата година беше само за прво и четврто одделение. Во прво одделение имаше печатени материјали, а за четврто одделение имавме печатени и дигитални материјали. Комисијата веќе има одобрени учебници, завршуваме со процесот на жалби за економски оператор, а по затворање на овој процес и одобрување на учебници, очекуваме во месеците октомври и ноември, сите процеси за сите учебници да завршат во националната Комисија но и во процесот на печатење, рекоа од Министерство.