Во земјава има семејства кои во зима се греат на пауловнија и велат дека се задоволни.
Тие планираат да засадат повеќе садници затоа што енергетската криза ни покажа дека треба да размислуваме за она што е поисплатливо. Оние кои веќе користат пауловнија за огрев, велат дека и нивни роднини, соседи се заинтересирале да засадат oд овој вид дрво за истата цела.
„Јас трета година се греам на пауловнија и сум задоволен. Пауловнијата загрева добро, и согорува побрзо од дабот. Една садница чини 150 денари, а после 3 години луѓето можат да ја сечат и користат за огрев. Дваесет дрва се доволни за да може едно семејство со четири члена да ја помине зимата. Во мојата околина има површини кои се засадени со пауловнија. Колку брзо ќе напредува дрвото зависи и од видот на почвата“, велат граѓаните.
Ова дрво расте брзо, се користи во индустријата, но станува популарно и за огрев.
Граѓаните купуваат од цела Македонија, од Велес, Битола, Скопје, од секаде. Некои земаат по 300, некои по 2.000 садници, а има и случаеви кога сакаат во двор или на викендица да засадат и тие луѓе земаат по 5 или 10 садници.
Дрвото многумина го сечат после три години, но ако се остави да поминат осум години, тоа ќе формира поголема дрвна маса. Дејан Трајковски, одгледувач на пауловнија вели дека Струмица, Валандово, Гевгелија се места каде овој вид на дрво може брзо да напредува, затоа што климата таму е погодна.
Инаку, откако во земјава поскапе струјата, парното, но и дрвата за огрев, за кубик дрва граѓаните плаќаат и по 5.000 денари. Што се однесува до пауловнијата, таа е дрво со потекло од Кина кое се користи повеќе од 3.000 години. Го нарекуваат царско или дрво на иднината. Пауловнијата станува популарна и во регионот. По сечењето, ново стебло расте од истиот корен. И така седум пати, што во голема мера го прави многу исплатливо. Инаку, медиумите од Србија објавија приказна за човек кој засадил пауловнија и вели дека обезбедил огрев за своето семејство за неколку децении.
извор: faktor.mk