Начинот на греење и затоплување на домот станува најважното прашање оваа зима. Како да се загрее домот и што да се користи како извор на топлина. Во овој период дилемата е меѓу греење со електрична енергија или со цврсти извори, меѓу инвертер клими или меѓу пелети и дрва.
Пресметките се движат од потрошена електрична енергија, киловат часови наспроти добиена топлинска енергија, вложените финансии во набавка на дрва и пелети наспроти она што се добива како топлина во домот.
Пелетите, во пресрет на зимата станаа многу барани, дури и побарани од огревното дрво, пред сè поради некогашната пристапна цена, што не е веќе иста. Ланската цена на пелетите во летната сезона беше околу 150 евра по тон, сега се движи од 350 до 400 евра. Ако се занемари поскапувањето, прашање е и дали ќе ги има доволно на пазарот, затоа што има недостаток на суровина што ќе го намали обемот на производство. Дополнително, токму поради помалиот обем на производство, можен е слободен раст на цената на пелетите. Поради сето ова, експертите не можат да проценат до каде ќе расте цената на ова цврсто гориво за огрев, а со сигурност ќе расте. Така ако за една шестмесечна грејна сезона се потребни околу 10 тони, доаѓаме до бројката дека за овие домаќинства се неопходни околу 4.000 евра да ја поминат зимата во топол дом.
Скоро иста е состојбата и со огревното дрво, цената расте а и побарувачката, што дополнително ја зголемува цената. Изминатиов месец цените поскапеа за околу 50 отсто, така што ако регуларната цена на огревното дрво се движи до 3.000 денари, неофицијално порасна на 4.500 денари за кубен метар. Просечно македонско семејство годишно користи до 10 кубни метри огревно дрво. Така, за греење оваа сезона едно домаќинство, и тоа најчесто за греење на само една просторија во домот, ќе бидат потребно од 30.000 до 45.000 денари. Но дополнително огревното дрво треба предвреме да се нарача, најчесто на крајот на изминатата грејна сезона за да биде испорачано во тековната грејна сезона. На тоа треба да се додадат пари за транспорт, сечење и за цепење и складирање на дрвата.
Сепак, според сето ова греењето на електрична енергија може да биде и најпрактично оваа зима, само доколку се изберат вистински грејни тела. Постојат уреди кои може да ви помогнат да заштедите, а чија потрошувачка на енергија е многу занемарлива. А исто така, постојат уреди кои се најголеми потрошувачи на струја во домаќинството, грејните тела како ТА печки, калорифери и разни греачи.
Додека пак, греењето со инвертер клима е најевтин начин за греење оваа сезона. Пред сè затоа што инвертер клима-уредот овозможува целосно удобно и евтино греење и во однос на потрошувачката и во однос на едноставност и леснотија на користење. Односот на потрошената електрична енергија и добиената топлинска енергија од инвертер клима уредот варира во зависност од квалитетот на уредот.
Потрошувачката на енергија се движи од 0,800kW до 1kW на час континуирано работење на уредот, а за таа количина на потрошена моќност се добива топлинска енергија од 4kW до 6,3kW. ТА (термоакумулациона печка) од 3kW троши електрична енергија за да дистрибуира 3kW топлинска енергија, и тоа препорачливо е да се загрева ноќе на евтина тарифа, во спротивно потрошувачката расте. Со еден збор, сите грејни уреди освен инвертер клима, кои користат електрична енергија како извор на топлинска енергија, произведуваат само 1kW топлинска енергија за 1kW потрошена електрична енергија.
извор: inovativnost.mk