Југоносталгијата тешко ги напушта овие простори, па постарите генерации постојано се сеќаваат на тоа како се живеело во поранешната држава. Сите зборуваат за слободата на движење, еднаквоста меѓу сите, слободата, моќта…, но тука се и автомобилите. Не е како денес да се увезуваат половни автомобили од странство, но и домашните салони имале поограничена понуда од онаа што ја има овие децении.
Па така, еден од најпознатите модели на автомобил во поранешна Југославија бил Yugo Koral 45, за којшто за се купи требало да се работи 30 месеци. За легендарната “пегличка“ или Fiat 126, којшто бил меѓу поевтините, биле доволни “само“ 19 просечни плати. Вкупно 20 просечни плати требало да се одвојат за Skoda 120 L, a дури 35 плати за Reno 4.
Најдостапниот компактен семеен автомобил бил Zastava 101 што вредел колку 38 просечни плати, додека за руски Aleko требало да се одвојат 42, додека за Lada Samara 54 плати, пренесува хрватски Индекс.
Средната класа била заинтересирана за нешто повеќе, како што е на пример Yugo Florida, за којашто требало да се одвојат 75 просечни месечни плати, а дури 96 плати за Volkswagen Golf 2.
И така се ределе автомобилите, за да се дојде до најскапиот модел на Mercedes и тоа S class Coupe 560 SEC, којшто чинел колку 1.231 месечна просечна плата во тоа време или требало да се работи 102 години за да се има тој германски автомобил во возниот парк.