„Во иднина на возрасните ќе им биде дозволено да купуваат и поседуваат количества до 30 грама канабис, а во ограничен обем ќе биде дозволено и одгледување за лична употреба“, рече министерот за здравство Карл Лаутербах при презентирањето на предлог-законот.
Предлог-законот понатаму предвидува продажба на канабис „за уживање“ во специјализирани овластени продавници, а подоцна и во аптеки. Продажбата ќе биде дозволена само за возрасни.
Според социјалдемократскиот министер Лаутербах, целта на законодавната иницијатива на федералната влада е да се потисне нелегалниот пазар.
„Бројот на корисници и количината на THC во нелегалниот канабис се зголемува. Владата сака да го потисне црниот пазар и да ја декриминализира сцената со канабис, што може да придонесе за подобра заштита на младите и децата“, вели Лаутербах.
Тој вели дека предлог-законот најпрвин е испратен до Европската комисија, која треба да провери дали овој закон е во спротивност со правото на ЕУ.
Доколку се покаже дека со донесувањето на законот Германија може да ризикува тужба пред Европскиот суд, законот ќе се смени. Досега, само тешко болните пациенти имаа легален пристап до канабис во Германија.
„Воведуваме контролирано снабдување со канабис за возрасни за рекреативни цели во лиценцирани продавници“, се вели во договорот на новата германска влада. Идејата е да се направи марихуана со висок квалитет, да се заштитат потрошувачите и да се сруши црниот пазар.
Според Германското друштво за промоција на коноп, канабисот што се продава на улиците во последниве години се повеќе се меша со песок, шеќер, стакло и зачини. Или се прска со синтетички материи кои насилно го засилуваат влијанието на THC, што доведува до моментални психози или колапс на циркулаторниот систем.
Поддржувачите на легализацијата велат дека чистата марихуана, со прецизно дефиниран дел од THC, значително би ги намалила ризиците и дека младите ќе можат поотворено да зборуваат за канабисот на училиште и дома.