Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, на 99-годишнината од Денот на Републиката, го претстави првиот турски електричен автомобил ТОГГ, пренесува Anadolu Agency.
Свечената церемонија се одржа на националниот празник Денот на Републиката, кој Туркије го одбележува на 29 октомври.
Како што рече во своето обраќање, со отворањето на фабриката за електрични автомобили Туркије сведочи на исполнувањето на својот 60-годишен сон.
„Првиот турски електричен автомобил ТОГГ ќе биде на патиштата во првиот квартал од 2023 година“, соопшти Ердоган.
На крајот на 2019 година беше одредена локацијата каде што ќе се гради фабриката, а беа претставени карактеристиките и прототипите на двата модели на турскиот електричен автомобил, Ц-СУВ и Ц-Седан.
Изградбата на фабричкиот комплекс за производство на електрични автомобили во Гемлик, во Бурса, официјално започна во јули 2020 година на површина од 1,2 милиони метри квадратни.
Новото лого на ТОГГ беше претставено на 18 декември 2021 година. Двете стрелки во дизајн на логотип, кои се спојуваат во скапоцен камен во средината, го симболизираат спојувањето на источните и западните култури и истакнуваат дека ТОГГ е технолошка компанија која ги спојува технологијата и луѓето на крстосницата денес и утре.
Кога комплексот ќе достигне капацитет на годишно производство од 175.000 возила, ќе вработи 4.300 луѓе. ТОГГ планира до 2030 година да произведе еден милион возила.