Група од повеќе ентузијасти секојдневно на Discord работи на првите македонски капачиња за механички тастатури. Кај сите е присутна желбата да се направат македонски капачиња, а конечно благодарение на шведски ентузијасти успеаја да дојдат до контакт со кинеска фабрика која може да ги изработи капачињата и во поширок продукциски аспект…. што технички ова би го направило продуктот: Designed in Macedonia, assembled in China наместо традиционалното Made in Macedonia, но тоа и не е толку важно во денешнава глобализација.
Еден од креаторите на тастатурата изјави:
Капачињата ќе бидат достапни само преку македонскиот Discord сервер, на кој е направен посебен канал каде редовно објавуваме статуси за групната продажба. На истиот канал може секој да се информира околу капачињата, и да праша доколку нешто го интересира а не е веќе одговорено.
Процесот на купување е малку некарактеристичен за луѓе кои не се запознаени со хобито. На почеток, се прават нарачки при што може да се купат еден или повеќе сетови во одредена временска рамка. Во нашиот случај, максимумот при една нарачка е три сетови македонски капачиња. Купувачите ќе може да изберат 14 различни бои за латинските легенди и македонските сублегенди, не само црвените кои ги гледаме на рендерот. Дополнително, ќе има и избор на 4 PBT бои. По истекот на временската рамка, капачињата влегуваат во производство и ќе бидат испорачани до купувачите.
Извор: it.mk