Околу 750.000 луѓе во Германија за роденден треба да добијат 200 евра од државата. Овие пари, како што соопшти федералната влада во петокот, се наменети за поттикнување на младите луѓе да ја искусат културата.
Сите млади кои ќе наполнат 18 години во 2023 година треба да добијат подарок ваучер од 200 евра. Според Федералното биро за статистика, тоа се околу 750.000 луѓе.
– Сакаме да го отвориме патот на културата. Сакаме да ги заинтересираме младите за различноста на културата во нашата земја – нагласи министерката за култура.
Таканаречената „Културна пропусница“ треба да ја поддржи и културната индустрија, која продолжува да ги трпи последиците од корона вирусот и се бори со пад на публиката.
Средствата се наменети за културни цели, на пример за книги, посети на музеи и изложби, кино претстави, концерти и театарски претстави. Сојузната влада, како што одлучи Комисијата за буџет на германскиот Бундестаг, обезбедува 100 милиони евра за пилот-проектот.
Ваучерот може да се користи две години на дигитална платформа достапна како апликација и веб-страница. Културните провајдери би можеле да се регистрираат на платформата и да понудат, на пример, концерти, театарски и кино претстави. „Културната пропусница“ треба да се дистрибуира во вториот квартал од 2023 година. Доколку проектот биде успешен, во вториот чекор би можел да се отвори за млади луѓе на возраст од 15 до 17 години.