Познатиот англиски појадок поскапе за речиси 20 отсто, бидејќи цената на основните состојки порасна поради највисоката инфлација во Велика Британија во последните 40 години, објави Блумберг.
Според месечниот индекс, цените на млекото во Британија пораснале за 51 отсто, а путерот за 31 отсто. Па така просечната цена на еден англиски појадок се зголеми за 19,5 отсто на годишно ниво на 32,98 фунти, од 28,42 фунти.
Индексот ги анализира податоците од Канцеларијата за национална статистика на Велика Британија за основната храна која традиционално се користи за приготвување појадок - јајца, млеко, колбаси, сланина, леб, путер, домати, печурки, чај и кафе.
Мерката покажува како спиралната инфлација влијае на илјадници домаќинства кои се борат да платат за основните работи.