На плус 35, колку што беше отчитувањето на живата во термометарот вчера околу 11 часот по локално време, се поставени десет илјади контејнери во кои може да се сместат две лица, а секој од нив чини 207 долари дневно.
Имаат два кревети, мала гардероба, бања како чанта Sport Billy и микро фрижидер. Сето ова го лади мал пренослив клима уред, но тешко е да се бориш со жешкото пустинско сонце среде ден. Наредени еден до друг во бескрајни редови, тие формираат фан село, кое деновиве очекува да биде домаќин на дваесет илјади фанови од целиот свет. Малку подалеку, под тежок превез од песок и прашина, стотици работници се уште го градат вториот дел од овој фан-полис.
Има и ресторанско шеталиште со широк избор, а цените се движат од прифатливи 30 до 100 риали, но во ова пустинско навивачко село не се нуди алкохол.
Малку понатаму има две игралишта за мини фудбал за рекреација, како и теретана на отворено. Има и мал супермаркет. Во средината на центарот за пречек на навивачите има и рецепција, а на услуга се електрични скутери, велосипеди, како и „колички“ на кои со багажот ќе ги однесат во куќичките украсени со знамињата на учесниците на Светското првенство.