Бучавата во текот на ноќта може да биде неподнослива, а доволно е само еден спортски автомобил и мотоцикл со „жесток“ возач да го претвори вашиот мирен сон во хаос од несоница.
Главниот град на Романија, Букурешт, неодамна воведе регулатива со цел да се намали нивото на сообраќајна бучава во градот. Новиот проект предвидува забрана за ноќен сообраќај на автомобили и мотоцикли кои произведуваат бучава поголема од 95 децибели.
Мерењето на бучавата произведена од возилата кои учествуваат во сообраќајот ќе го вршат полицијата и романскиот авто-регистар, врз основа на протоколот што веќе го склучија овие две тела. Истите институции ќе спроведуваат програми насочени кон информирање на сопствениците на автомобили во Букурешт за новата регулатива.
Сообраќајот создава најголема бучава во градовите
Иницијатор на нацртот е Управата за животна средина на градот Букурешт. Претставниците на институцијата тврдат дека бучавата што ја произведува патниот сообраќај е најважниот извор на звучно загадување во Букурешт.
Едно истражување проценува дека повеќе од 700.000 жители на главниот град се погодени од гласни автомобили и мотоцикли во текот на ноќта и дека нормалните граници на бучава се надминати на 59 улици во Букурешт.
Во Букурешт има 12.419 згради во области со ноќна бучава поголема од 60 децибели. Бучавата над ова ниво го нарушува сонот, влијае на менталното здравје, продуктивноста на работата, процесот на учење и социјалното однесување, предизвикува стрес и може да предизвика хроничен замор, несоница или кардиоваскуларни заболувања.