Најголемиот производител на уреди на Apple, Foxconn, ги засилува напорите за ангажирање работници по немирите кои избија минатата недела во кинескиот град Женгжу.
Да потсетиме, работниците се пожалија на рестрикции за ковид и неисплатени заостанати плати. Вработен во Foxconn изјави за Би-Би-Си дека „ситуацијата оттогаш е решена“.
Откако ситуацијата се „смири“, компанијата излезе со информација дека секој вработен кој ќе препорача пријател или член на семејството за работа ќе добие награда од 1.000 јуани (141 долар, или 135 евра).
Но, и тука има услов. Доколку нововработениот остане на работното место само петнаесет дена, работникот кој го препорачал ќе добие само половина од наградата. Доколку работникот остане цел месец, ќе ја добие целата сума, наведува британската служба, врз основа на пораките до кои имал пристап.
Иако Apple не даде податоци за влијанието на проблемот во фабриката во Женгжу, претходно предупреди за доцнење во испораката на iPhone 14 Pro и iPhone 14 Pro Max.
извор: biznisinfo.mk