Американскиот производител на пиво, Бадвајзер, еден од официјалните спонзори на Светското првенство во Катар, се најде во неволја поради одлуката да се забрани послужувањето алкохол на сите стадиони во последен момент пред почетокот на првенството. Затоа се одлучиле на интересен маркетиншки потег, пренесува CNN.
Поради забраната за послужување алкохол на стадионите во Катар, Бадвајзер сега може да служи само безалкохолно пиво.
По таа одлука, компанијата на својот официјален профил на Твитер објави дека на победникот на Светското првенство ќе му ги донира сите залихи од пиво кои беа доставени во Катар.
- Победничкиот тим ќе го добие целото испорачано пиво. Но, кој ќе го освои? – стои во соопштението на Бадвајзер.
Бадвајзер требаше да обезбедува алкохол на стадионите и фан зоните во Катар, но организаторите на ФИФА попуштија под притисокот на катарските власти и потврдија дека на ниту еден стадион нема да се продава алкохол, што би можело да ја чини пивската компанија дури 40 милиони долари. .
Бадвајзер требаше да се служи во навивачките области околу секој стадион, но не и на трибините на стадионот или на терените. Лоша вест за спонзорот е тоа што во моментов има договор вреден околу 70 милиони долари со ФИФА за ова Светско првенство, како и за тој што ќе се игра во Мексико, Канада и САД во 2026 година.