Без разлика во која продавница влегувате, една бројка најчесто ви привлекува внимание кога се во прашање цените на артиклите. Деветка!
Се чини дека нема цена што не завршува со девет, а најчесто со 99, што треба да биде суптилен, иако веќе разоткриен, трик со кој продавачот ве убедува дека тој денар што сте го заштедиле е значаен за вашиот домашен буџет. Односно, дека 9,99 е значително помал од десет.
Сепак, големото истражување спроведено од професорите Даниел Леви и Авичаи Снир, врз основа на долгогодишни податоци собрани од американските продавници, откри дека потрошувачите, кога купувале артикли со цена што завршува на 9, не само што не заштедиле ниту еден цент – туку преплатиле за стоката во просек за 18 отсто во однос на слични артикли со „нормални цени“.
Ги анализирале цените на сè – од сирење, до грицки и сокови, супи, детергенти, до тоалетна хартија и шампон, а заклучокот е дека кога цената на стоката завршува на девет, по правило, таа е поскапа од стоката што има цена без таа фора.
Секако, кај одредени намирници разликите се фрапантни – на пример, соковите чија цена завршува на девет се во просек за 43 отсто поскапи од соковите кои имаат цена без таа бројка на крајот, тоалетната хартија е за 35 отсто повеќе, бонбоните за 28 проценти, хартиени крпи 23 и сапуни 22,6 отсто.
Никој не знае точно кога и зошто оваа практика на завршување на цените на 9 била воведена во трговијата, но слична тактика била откриена во рекламите на Macy од 1880 година, во кои одредени артикли чинат 1,99 и биле рекламирани како голема зделка.
Новите истражувања покажуваат дека меѓу цените кои завршуваат со деветки, најзастапени се 9,99, потоа 9, па 9,95 па 4,99.
Многумина се прашуваат зошто денес инсистираат на практика на вака искажување на цените кога потрошувачите многу добро знаат дека со тој еден цент нема значително да заштедат и дека тоа е психолошки трик, а едно од објаснувањата е дека потрошувачите ги читаат цените од лево кон десно, така што кога цената е изразена како 9,99 наместо 10, се добива впечаток дека всушност се штеди цел цент, десет или сто – наместо само еден цент.
Некои други истражувања покажуваат дека трговците на мало ги заокружуваат цените на 99 во случаи кога ја зголемуваат цената на нешто за да го минимизираат влијанието врз потрошувачите, додека пак одат на некои други трикови при намалувањето на цената на производите.
Исто така, докажано е дека цените кои завршуваат на 99 генерално се надуени со најприфатливата сума на пазарот, па потрошувачите, кога размислуваат да купат нов телевизор, на пример, секогаш треба да се запрашаат – дали 599,99 евра навистина се најприфатливи кои можат да се најдат?
Извор: vecer.press