Јавното претпријатие Водовод и канализација Скопје бара зголемување на цените за водоснабдување поради зголемени трошоци. Барањето е доставено до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Македонија.
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија поднесе барање за измена на план за прилагодување по исклучок, согласно член 17 од Законот за утврдување на цени на водни услуги за водната услуга снабдување со вода за пиење или водоснабдување за 2022 и 2023 година од регулираниот период 2021-2023 година – се наведува во барањето објавено на веб страната на РКЕ.
Во него е посочено дека се бара зголемување на просечната цена на водната услуга снабдување со вода за пиeње за 2022 година на 38,57 денари за метар кубен, додека за следната 2023 година на 38,81 денар за метар кубен. Исто така се бара промена и на цената на услугата собирање и одведување на урбани отпадни води.
Со последната одлука на РКЕ, на ЈП Водовод и канализација Скопје им била утврдена просечна тарифа за водоснабдување за 2022 година во износ од 23,24 денари за метар, додека за 2023 година во износ од 23,14 денари за метар кубен. Ова се сегашните важечки цени по кои претпријатието ги наплаќа своите услуги. Сепак, ова не се цените по кои граѓаните ги плаќаат услугите на ЈП Водовод и канализација, туку се тарифите кои им ги одобрува РКЕ согласно пријавените трошоци.
Граѓаните односно домаќинствата водната услуга снабдување со вода за пиење ја плаќаат по цена од 18,50 денари. За разлика од нив, за останатите корисници цената достигнува 49,50 денари.
Колкави ќе бидат цените за домаќинствата и за останатите корисници по промената на цената се уште не се знае. Од јавното претпријатие не појаснуваат колку ќе се зголемат цените ниту за домаќинствата, ниту пак за останатите корисници, односно за компаниите.
извор: faktor.mk