Во текот на студените зимски денови сушењето на алиштата е голем предизвик за сите, особено кога станува збор за подебелите парчиња облека.
Многумина не можат глава да кренат од пренатрупаните алишта, а преместувањето на сушарата од една на друга страна може да биде заморно.
Сепак, не кревајте паника. Постојат начини како алиштата да се исушат брзо. Кога машината ќе заврши со перење и ќе дојде време за вадење на облеката, вклучете ја машината уште еднаш на центрифуга. Со тоа дополнително алиштата ќе се исцедат и ќе бидат помалку мокри.
Алиштата откако ќе ги извадите од машина, наредете ги да се сушат на две сушари. Меѓу алиштата оставете доволно простор за да може воздухот непречено да циркулира. Доколку имате можност, оставете го отворен прозорецот, така ќе има поголема циркулација и нема да се создаде влага во просторијата.
Пеглајте ја полусувата облека
Искусните домаќинки знаат дека облеката најдобро се пегла кога не е целосно сува. Затоа најдобро е да ја тргнете од сушара додека сè уште е влажна. Освен што поубаво ќе се испегла, исто така ќе го скратите процесот на сушење.
Искористете ги сончевите зраци
Без разлика колку надвор е студено, доколку има сонце извадете ја сушарата надвор. Додека е сончево, нека остане надвор, а потоа внесете ја во домот.
Иако може да се случи облеката да замрзне, откако ќе ја внесете дома брзо ќе се исуши.
извор: kajgana.com