Ново истражување објаснува дека луѓето што објавуваат на социјалните мрежи се однесуваат слично како стаорците кога се трудат да добијат храна.
Меѓународен тим на научници користел модел за пресметување кој му помогнал да ја открие директната врска помеѓу бројот на објави на корисниците на социјалните мрежи и бројот на „лајкови“ што ги добиваат. Потоа, научниците ги споредиле податоците со начинот на кој се однесуваат стаорците кога бараат храна и како се чувствуваат кога ја добиваат храната.
Истражувањето траело две години, а во него се анализирале податоци од над милион објави од приближно 2.000 корисници на „Инстаграм“, како и околу 2.000 објави од други социјални мрежи. Потоа истражувачите направиле експеримент во кој го манипулирале бројот на „лајкови“ на објави на онлајн-платформа што го имитирала системот на „Инстаграм“.
Тие откриле дека учесниците во истражувањето почесто објавувале на социјалните мрежи кога добивале позитивни реакции од другите корисници, односно имале повеќе „лајкови“. Истражувачите го споредуваат ова однесување со она на стаорците кога добиваат храна како награда за некоја активност.
Научниците посочуваат дека нивното истражување не тврди дека луѓето и стаорците се исти или дека луѓето што објавуваат на социјалните мрежи имаат негативни ефекти од тоа. Наместо тоа, истражувањето треба да биде почетна точка за други истражувања за потенцијално штетното влијание на социјалните мрежи.