Живееме во свет фокусиран на постојана работа, развој и иновации. Ова е причината зошто многу луѓе земаат се помалку и помалку денови за одмор, но дали тоа навистина води до поголема продуктивност?
Европската управа за труд (European Labour Authority) наведува четири клучни причини зошто секогаш треба да го користите целиот годишен одмор.
Го намалува стресот
Земањето годишен одмор ви овозможува да направите неопходна пауза од стресот и работните барања. Одморот од состаноци, рокови и други стресни ситуации може да го „подмлади“ вашиот ум, што значи дека сте во поздрава состојба кога ќе се вратите на работа. Сепак, стресот обично се враќа, поради што е важно да одите почесто во текот на годината. Редовните мини-паузи можат да послужат како превентива против проблеми како депресија и „прегорување“ на работа, со што се обезбедува способност на најдобар начин да се справите со напорите во периоди на интензивна работа.
Ја зголемува продуктивноста
Одвојувањето време за одмор може да ве направи попродуктивни кога ќе се вратите на работа. Понекогаш дистанцирањето од проблемот ви овозможува да стекнете нова перспектива и ви дава нови, креативни решенија. Истражувањето на Меѓународната фондација за бенефиции за вработените сугерира дека земањето годишен одмор ја подобрува продуктивноста на вработените до 40 проценти и го намалува ризикот од боледување за 28 проценти. Така, не само што одвојувањето на одмор е добро за вас, туку е добро и за вашиот работодавач, бидејќи обезбедува да ја добијат најдобрата, најпродуктивната верзија на работникот.
Го намалува ризикот од здравствени компликации
Сите имаме интензивни периоди на работа - рокови за исполнување, итни состаноци на кои треба да присуствуваме и брзо зголемување на е-пораките на кои треба итно да одговориме. Истражувањата покажаа дека долготрајното работење со максимален капацитет доведува до поголем ризик од сериозни здравствени компликации, како што се срцеви заболувања и мозочен удар. Затоа, земањето годишен одмор е неопходно за да се одржи здрав начин на живот.
Ја подобрува рамнотежата помеѓу обврските на работа и надвор
Посветеноста и работната етика се важни особини што треба да ги имате за да успеете во кариерата. Сепак, лесно е да паднете во стапицата на постојано ангажирање - без разлика дали тоа е во канцеларија или дома. Иако работата е важна, таа не треба да биде цел живот. Земањето годишен одмор може да има значително позитивно влијание врз вашата рамнотежа помеѓу работата и животот и целокупното расположение со тоа што ќе ви даде повеќе време да се поврзете со семејството, да се дружите и да бидете со пријателите или да го земете тој одмор што отсекогаш сте го посакувале.