Грција е меѓу неколкуте земји во Европската Унија, кои максимално го користат трендот на работа од далечина, сега нудејќи и посебни визи за луѓе кои работат од далечина.
Имено, слично како Италија, Португалија и Хрватска, и Грција отпочна програма со којашто и овие таканаречени дигитални номади (луѓе кои работат од далечина) ќе можат легално да живеат и работат во земјата. Новата виза, специјално подготвена за работење од далечина, сега им овозможува на тие лица да работат во Грција под повластени услови, без оглед ако работниците не доаѓаат од ЕУ.
Оваа виза е достапна за граѓани на земји кои не се членки на ЕУ, а коишто работат од далечина, како што се хонорарни преведувачи или претприемачи. Кандидатите треба да докажат дека имаат договор за вработување и дека се редовно вработени во компании. Доколку се хонорарци, мора да имаат доказ за својата работа, бидејќи виза може да добијат само вработени. Исто така, основен предуслов е тоа дека тие вработени не смеат да работат кај работодавач со седиште во Грција.
Покрај тоа, сите апликанти мора да ги имаат сите потребни ресурси за работа на далечина, како што е на пр., компјутер или поврзана опрема – однапред обезбедени. Уште еден предуслов е апликантите да имаат месечен приход од најмалку 3.500 евра по одбивање на даноците. Ако им се придружи брачен другар, тогаш тој минимален приход мора да биде 4.200 евра.
Меѓу предусловите е и валиден пасош, здравствено осигурување и потврда дека лицето не е под истрага или законски санкции.
Визата важи до 12 месеци, по што може да се поднесе барање за обновување и продолжување. Оваа дозвола потоа може да се обновува на секои две години за уште две години.