Мора да признаеме дека кај нас киселата зелка се подготвува само на два-три познати начини и тука завршува експериментирањето. Ја користиме за сарма, подварок и како салата со буковец.
Сега најдовме еден интересен рецепт и ве предизвикуваме да пробате кисела зелка на сосема нов начин и од неа да направите палачинки.
Овој сосема необичен рецепт го најдовме на блогот Wholesome.
Потребни состојки:
- 250 гр кисела зелка (ситно исечкана)
- 1 шолја млеко
- 1 шолја брашно
- 1 јајце
- Прстофат лута мелена пиперка
Приготвување:
Сите состојки се истураат во сад за матење и се мешаат додека не се соединат и додека грутките брашно целосно не исчезнат.
Кога ќе ја изматите смесата, ставете голема тава на шпорет, прелијте со малку масло и оставете добро да се загрее. Со лажица ставете ја смесата на тавата и формирајте мали палачинки. Пржете 1-2 минути од секоја страна додека не поруменат.
Од оваа смеса ќе добиете 12 палачинки. Послужете ги со свежо сирење и павлака.
извор: artkujna.mk