Компаниите ширум Европа и светот наоѓаат нови начини да ги задржат добрите работници и професионалци, трудејќи се да ја зголемат нивната продуктивност и да им понудат подобри услови за работа.
Би можело да ве интересира: Што работеле ѕвездите пред да станат славни?
Должина на просечната работна недела во Европа
Просечната работна недела во ЕУ трае 40,2 часа. Според податоци достапни од Еуростат, мажите во Европа работат во просек по 41 час неделно, додека жените работат 39,3 часа неделно.
Луѓето вработени во рударскиот сектор работат најдолго – во просек по 42 часа, а најкратка е работната недела во образование – 38,1 часа.
Во ЕУ најдолга работна недела има во Обединетото Кралство – 42,1 часа. Потоа следат Швајцарија (41,8), Кипар (41,6), Австрија (41,3), Грција и Португалија (41 час). Најкратка работна недела имаат Данците – работат 37,8 часа неделно.
Кога ќе се земат предвид и земјите кои не се членки на ЕУ, резултатите од истражувањето ја „креваат“ Северна Македонија на високото трето место во однос на должината на работната недела. Македонците во просек работат по 42,3 часа неделно, на второ место е Исланд (44), а на прво е Турција со 49,1 работни часа неделно. Во регионот, зад Македонците се Словенците (40,9) и Хрватите (40,4).
Не е само сон - Примери од вистинскиот живот
Низа мали британски компании воведоа четиридневна работна недела за своите работници, како дел од сегашните идеи дека помалку работа може да донесе поголема продуктивност и подобра рамнотежа помеѓу животот и работата.
Затоа, сѐ повеќе и повеќе работодавачи експериментираат со давање три слободни денови неделно на своите работници додека ја задржуваат истата плата.
Во изминатата половина од годината, тоа веќе го направија Synergy Vision, Elektra Lighting, Lara Intimates и Intrepid Camera. The Wellcome Trust е најголемиот работодавач во Велика Британија и тие размислуваат за воведување тест фаза за своите 800 вработени, објави Guardian.
И фирмите и вработените се задоволни од таквата постапка, нагласува весникот.
Голем број компании од целиот свет кои работната недела ја скратија на четири работни дена пријавиле дека има многу поголема продуктивност на работниците, дека вработените се помотивирани и забележан е помал синдром на „прегорување“ на работа.
„Ваквиот начин на работа има многу поволности, пред сѐ за здравјето на вработените, нивната продуктивност е поголема, и нема работно ‘лудило’ во канцеларија, изјави основачот на компанијата Planio од Берлин чии десет вработени од почетокот на 2018 година преминаа на четиридневна работна недела.