Јануари е синоним за прв месец во годината, нов почеток, празници, подароци, семејни средби… Сето ова го прави да биде и најдолгиот месец којшто за многумина е вистински предизвик како да се преживее.
Семејниот буџет најверојатно е во црвено, бидејќи празниците се како создадени за купување храна, облека, подароци… Штом заврши празничната еуфорија, направете детоксикација од обилни оброци. Исто така, средбите со блиските не мора да бидат во ресторани, туку организирајте се во домашни услови за да не се оптовари вашиот паричник.
Многумина на шега велат дека јануари нема 31, туку многу повеќе денови.
Првиот совет, до којшто малкумина би се придржувале, е да се мисли однапред. Тоа значи да заштедите уште во декември или во текот на целата година претходно. Кога си го планирате семејниот буџет, секогаш имајте ги предвид издатоците што ве очекуваат за време на празниците, но никогаш не ги заборавајте деновите што следуваат.
Паметно разгледајте пред да купите. За наша среќа, живееме во пазарна економија во којашто за многу од работите што ни се неопходни имаме избор. Тоа значи дека ако имате потреба од чевли, јакна или некаков додаток во домот, имате можност да разгледате во повеќе продавници и на интернет и да направите споредба. Нека не е ве води импулсот пред да купите, туку добро разгледајте и одберете каде ќе добиете најмногу за износот што го плаќате.
Здравите финансиски навики започнете да ги градите уште на почетокот на годината. Не барајте изговори дека сега сте потрошиле премногу, па да одложувате за следниот месец. Добро ги познавате своите финансиски можности, па врз основа на тоа распоредете ги трошоците.
Бидете креативни. Наместо да излегувате на вечера во скап ресторан, искористете ја својата имагинација и неограничениот број идеи што ги има на интернет, па од она што ви останало во фрижидерот или шпајзот, направете добра комбинација со којашто ќе ги воодушевите блиските. Сепак, не е работата само да се гледа од материјалната страна. Препуштете му се на уживањето со пријателите и така ќе се изборите со депресивните денови што ги носи јануари.
Времето како утеха. Јануари е месец што со себе носи ниски температури, мраз, магла, снег… па тоа нека ви биде како утеха што не можете да отидете до најблискиот трговски центар и да ги погледнете излозите (коишто како магнет ќе ве привлечат да потрошите некој денар). Затоа, искористете ја топлината во домот, уживајте во некој убав филм или книга, сварете си кафе или вкусно какао и повеќе нема да ви летаат мислите кон шопинг центрите.
Време е за промена на навиките. Иако е најдолг, јануари е како создаден за нови навики. Па ако имате некоја лоша навика, најдобро е таа ја заборавите и оставите во старата година. На пример, ако сте пушач потрудете се да го намалите бројот на цигари или целосно да се ослободите од никотинот. Направете си план што ќе ви биде насока за тоа на што би ги трошеле парите што обично ги давате за цигари. Или можеби имате проблеми со вишокот килограми, па искористете го јануари бидејќи е одличен месец за детоксикација. На фрижидерот поставете си потсетник или некоја мотивирачка порака што ќе ве потсетува дека наместо да посегнете по нешто слатко, може да земете една јаболка или да се напиете доволно вода. Иако навидум изгледа безначајно, сепак ваквите мали чекори ќе значат поздрав живот за вас, а и некој плус на вашата сметка или во паричникот.