Платата во Германија не зависи само од професијата, туку и од областа во која работите, како и од големината на компанијата која е ваш работодавец. Во кои професии можат да се заработат најмногу пари?
Можеби ќе ве интересира: Споредба на сметки за исти намирници во 2020 и 2023 година - Разликата е огромна!
Најдобро платените работни места во Германија се во медицината, технологијата и финансиите. Ова се открива во истражувањето за платите од 2022. Сепак, професијата на работникот и индустријата во која работи, не се единствените фактори кои ја одредуваат висината на платата. Локацијата и големината на компанијата исто така влијаат на висината на заработката, покажува студијата.
Според собраните податоци, просечната бруто годишна плата во Германија е 44.100 евра. Има и разлика во зависност од полот. Жените во просек заработуваат 40.533 евра бруто годишно, додека мажите заработуваат 47.320 евра. Нивото на одговорност што работникот го презема во компанијата е исто така од суштинско значење. Бруто платата на менаџерите е 86.349 евра годишно, додека специјалистите кои не се одговорни за другите работници во просек добиваат 43.628 евра.
Најпрофитабилните професии
Како и претходните години, високо образованите кадри се најдобро платени. Лекарите се меѓу најдобрите заработувачи со просечна плата од 78.317 евра. Нема ништо изненадувачки во тоа- тие имаат голема одговорност за своите пациенти и професионалните барања за нив се особено високи. Ова е соодветно наградено.
На второ место се вработените во областа на пласманот и продажбата, кои се на врвот на рангирањето главно благодарение на флексибилното определување на платата, која за нив често зависи од бонусите. Консултантите за менаџмент се справуваат со сложени предизвици кои треба да се решат брзо и флексибилно. Затоа и тие добиваат високи плати и се наоѓаат на третото место на табелата. Нивната просечна годишна бруто плата е околу 62.000 евра.
Меѓу професиите без академско образование, финансиските експерти заработуваат најдобро. Може да очекуваат просечна бруто годишна плата од 43.175 евра. Веднаш по нив се рангирани ИТ експерти (42.758 евра) и специјалисти за човечки ресурси (42.011 евра).
Регионални разлики
Регионалните разлики се големи. Во јужна Германија, на пример, се заработува добро, додека луѓето во Мекленбург-Западна Померанија добиваат најниски плати. Работниците во Хесен се најдобро платени во Германија. Рангирањето по градови ја следи оваа поделба. На прво место е Франкфурт, каде просечната бруто плата е 54.080 евра. Во Минхен е 53.886 евра, а во Штутгарт - 53.592 евра. Истражувањето, исто така, покажува дека вработените во источните сојузни покраини и понатаму се платени значително помалку од оние во западна Германија. Јазот во платите меѓу Истокот и Западот е 22%.
Големината на компанијата е исто така важна
Општо земено, кога станува збор за платите, колку е поголема компанијата, толку е подобра платата. Извештајот за платите за 2022 година покажува дека овој тренд продолжува. Според собраните податоци, компаниите со над 5.000 вработени најмногу ги плаќаат своите вработени. Малите и средни компании со најмногу 500 вработени плаќаат околу 15.000 евра помалку. Најмалите бизниси во Германија - оние со максимум 50 вработени - плаќаат најмалку.
Извор: dw.com