Малите семејни бизниси повторнио го актуелизираат нивниот проблем со неработниот ден недела.
Би можело да ве интересира: Работодавачите со барање – да плаќаме боледување за 15 дена, наместо за 30, има многу злоупотреби
Комората на занаетчии ќе се обиде да издејствува нови измени на Законот за работни односи со кои на сите занаетчиски дејности ќе им биде дозволено да работат во неделите. Штетата која ја трпат велат дека е огромна, а придобивки државата од тоа правило нема, бидејќи според занаетчиите на овој начин се зголемува сивата економија. Синдикатите за Денар велат дека нема да дозволат да им се укине загарантираниот слободен ден во викендот на работниците, бидејќи само на тој начин тие може да поминуваат време со своето семејство и пријателите. Од Министерството за економија ни испратија листа во која се наведени местата кои се културно – туристички локации и каде занаетчиите може слободно да работат во текот на целата седмица.
Недела неработен ден има негативни влијанија врз работата на занаетчиите, се жалат од Комората на занаетчии. Од ова бизнис здружение велат дека самиот закон предизвикува сива економија. Од Комората додаваат дека дел од клиентите кои тие ги имаат веќе услугите и производите ги набавуваат во соседните држави, бидејќи во Македонија ништо не работи во недела.
„Ние побаравме сите услужни дејности кои се во занаетчиство да може да работат во недела, бидејќи не е логично еден фризер да не работи во недела, не е логично еден механичар да не работи во недела, не е логично еден шнајдер да не работи во недела. Особено во летната сезона кога се прават свадбите, кога доаѓаат печалбарите, тогаш кога најмногу ни се потребни не можеме да ги користиме нивните услуги во недела. Или пак се принудени да работат со затворени врати, се со цел да не ги вратат муштериите но и да не добијат висока казна од инспекциските власти. Но, ние сакаме да работиме чесно, да го почитуваме законот, ќе плаќаме на нашите вработени зголемени дневници, 50 отсто плус како што вели законот, но никако не можеме да дојдеме до тоа решение – овие дејности да работат во недела“, велат од Занаетчиската комора
Синдикалците пак се категорични, секогаш кога ССМ иницира регулирање на одредени работнички права поаѓа од концептот за заштита и унапредување на човековите права како највисок дострел на демократските држави. Синдикалците велат дека водилка во уредување на економските и општествените односи треба и мора да биде профитот како основа за националниот напредок и развој, но не профитот сам за себе туку во цивилизациски рамки со целосна грижа за хуман развој и почитување на човечкото достоинство на работниците и граѓаните како најважен ресурс во државата.
„Во овие рамки ССМ беше иницијатор на законското уредување на правото недела да биде неработен ден за најголем број на работници. Целта ни беше најголемиот број на работници да го користат денот недела за обнова на својата работна сила, грижа за семејството, културните, образовните, спортските и сите други реални животни потреби кои ќе обезбедат достоинствен живот за работникот и неговото семејство, а со тоа ќе се постигне поголема продуктивност, мотивираност и успешност во обавувањето на работните задачи што ќе резултира со зголемено производство и економски развој. Сите предлози доколку ги има треба да бидат разгледани по пат на социјален дијалог преку ЕСС како и што беше донесен законот , а никако измените да се прават еднострано без учество на синдикатите како преставници на работниците. За евентуални промени на законот потребни се издржани анализи со аргументи кои засега изостануваат“, велат за Денар од ССМ.
Согласно последната објава на Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија на мало во ден недела и на празници може да се врши во продавници, киосци и штандови во туристички места утврдени со Законот за туристичка дејност. Овие трговци може да работат во ден недела и на празници според членот 2 од Законот за празниците во време од 08:00 до 22:00 часот. Согласно Законот за туристичка дејност “Туристичко место” претставува подрачје или дестинација кое како организациона и функционална туристичка целина располага со природни, културни, историски и други знаменитости од значење за туризмот, комунална, сообраќајна и туристичка инфраструктура, како и објекти и други содржини за сместување и престој на туристите. Додатокот на плата за работа во ден недела и на празници во продавниците, киосци и штандови во туристичките места изнесува најмалку 100%, за секој час поминат на работа.
„Езерски туристички места во Република Северна Македонија се Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро. Тие имаат чиста и релативно топла вода, пријатна за капење. Покрај нив се изградени поголем број туристички објекти (хотели, мотели и ресторани). Охрид, Струга, Дојран и Преспа. Планински туристички места во Република Северна Македонија има повеќе. Најпривлечни и најразвиени се: Попова Шапка на Шар Планина, Маврово на Бистра, Нижеполе и Копанки на Пелистер, Крушево на Бушева Планина и Пониква на Осоговските Планини. Тие имаат услови за летен рекреативен, зимско-спортски и за ловен туризам. Во некои од нив се присутни карактеристични населби како што се: Галичник кој е познат по манифестацијата Галичка свадба, Крушево како највисок град на Балканот, со мошне пријатна клима, Маврово како комбиниран зимско-спортски и езерски центар. Според Светска туристичка организација Поимот „Рурален Туризам„ се користи тогаш кога руралната култура е клучна компонента на производот и понудата на дестинацијата. Како издвоени примери за развиен рурален туризам можат да се наведат: Берово, Крива Паланка, Брајчино и Вевчани. Имајки предвид дека Скопје е главна туристичка дестинација согласно бројот на туристи како најатрактивни туристички места во Скопје може да се одвојат: Старата Скопска Чаршија, Скопскиот плоштад, Кањонот Матка, и Скопското Кале. Имајки предвид дека речиси во сите поголеми градови имаат чаршии кои се атрактивни како за домашни така и за странски туристи може да се одвојат за најзначајни и тоа: Старата Скопска Чаршија, Охридската, Струшката, Битолската и Прилепската Чаршија.“
Според податоците околу 90 отсто од работниците со актуелниот закон не работат во неделите. На тој начин синдикалците сметаат дека потребно да се гледа пошироката слика на заштитата на работничките права, здравјето, работоспособноста и животот на работниците.