Република Северна Македонија е меѓу првите 10 земји во светот врз основа на преваленца на пушење и вкупниот број испушени цигари дневно по пушач.
Можеби ќе ве интересира: Македонците пушат најевтини цигари во регионот
Според истражувањето на „Аналитика тинк-тенк”, преваленцата на пушење во земјата изнесува 48,4 отсто, додека во европските земји е далеку пониска или ЕУ просекот е 29 проценти. Во Шведска преваленцата изнесува 8,7 отсто, а во Грција и Бугарија 27 проценти.
Анализите покажуваат дека речиси половина од возрасните луѓе во Република Северна Македонија (48,4 проценти) во моментов користат тутун. Преваленцата на пушење е 57,9 проценти кај мажите и 39,0 проценти кај жените. Преваленцата на пушење се зголемува со возраста на пушачи, достигнувајќи го својот врв на 45-54 години (60,1 процент за пушачи на дневна основа), објаснува Тамара Мијовиќ Спасова од Аналитика.
Таа додаде дека нашата држава е лидер во регионот по потрошувачка на цигари по најниска цена и многу малку се прави за надминување на проблемот со пушењето, без разлика дали станува збор за законски решенија, покачување на акцизите или за кампањи за подигнување на јавната свест, покажува истражувањето на „Аналитика тинк-тенк” спроведено заедно со Универзитетот Илиноис од Чикаго во 2020 годинa.
Станува збор за регионално истражување за употребата на тутун во земјата и регионот кое е една од првите студии во Северна Македонија што дава сеопфатни информации за употребата на тутунот, односно цигарите.
Податоците покажуваат дека просечната цена на кутија цигари во Северна Македонија е 1,7 евра, во регионот на ЈИЕ е околу 2,1 евро, додека европското ниво е 4,9 евра, што го потврдува фактот дека сме држава со најниски цени на цигари во регионот.
Оданочувањето на тутунот е една од најефикасните алатки за намалување на потрошувачката на тутун (зголемената акциза резултира во намалување на конзумирањето тутун во сите земји од ЈИЕ) и ќе резултира во силно зголемување на јавните приходи во Буџетот.
Извор: brif.mk