Истражувањата кои имале за цел да ги испитаат ефектите на боите покажуваат дека постои голема поврзаност помеѓу брендовите и бојата која тие ја користат. Бојата игра голема улога бидејќи го зголемува препознавањето на брендот за 80%, и токму поради тоа голем број на компании се трудат да создадат препознатлив и уникатен бренд.
Црвената боја е употребувана од страна на голем број компании бидејќи го зголемува срцевиот ритам, го поттикнува апетитот и го подобрува метаболизмот. Една неодамнешна студија покажала дека менувањето на бојата на цените од црна во црвена ги прави луѓето да мислат дека добиваат понуда која не смеат да ја пропуштат. Користењето на црвената помага текстовите и сликите да се истакнат, па затоа се препорачува да се користи како би се привлекло внимание на клучните зборови. Уште една боја која што привлекува внимание на исто ниво како црвената е жолтата. Оваа боја е поврзана со радост, среќа, оптимизам и енергија. Жолтата ја стимулира менталната активност, ја генерира мускулната енергија и се препорачува да се користи во контраст со друга боја.
Се смета дека Мекдоналдс и Бургер Кинг ја користат црвената боја бидејќи го зголемува апетитот на луѓето, односно ги прави гладни, а со тоа се зголемуваат шансите тие да влезат во продавицата и да купат храна.
И покрај ова, постојат некои истражувања кои го покажуваат спротивното. Па така, при едно лабараториско испитување, учесниците пиеле помалку сода од чашите кои биле со црвена боја и јаделе помалку од онаа храна која била послужена во чинии со црвена боја, наспроти оние во плави или бели.
Зелената боја заедно со останатите земјени тонови пак, најчесто се користи за природна, органски здрава храна. За сите оние кои се придржуваат кон здравиот начин на исхрана, овие бои се попривлечни.
Иако оваа теорија во пракса знае да даде и спротивни резултати, компаниите веруваат дека има нешто посебно во црвено-жолтата комбинација што ги тера луѓето да се чувствуваат гладно. Во време на конкуренција, тие ја користат секоја можна тактика како би привлекле повеќе купувачи, а со тоа би ја зголемиле продажбата.