Водата за пиење за скопјани поскапува од предвидените 23,14 денари просечна тарифа по метар кубен на 26,36 денари.
Би можело да ве интересира: Просечната плата за декември стаса до 34.364 денари
Ваква одлука донела Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на барањето на ЈП Водовод и канализација да се зголемат цените на услугите. Одлуката треба да биде потврдена на денешната седница на РКЕ и да започне со важење од март.
Станува збор за вонредна промена на тригодишната тарифа за снабдување со вода за пиење на скопското претпријатие за регулиран период 2021 - 2023 година. Во последната година за овој период претходно беше предвидено цената да остане иста како во 2021 и 2022.
Поскапува и услугата собирање и одведување на урбани отпадни води од предвидените 13,25 на 15 денари по метар кубен квадратен. Нова цена ќе има и прочистувањето на отпадни води, која наместо 0,86 ќе чини 0,87 денари годинава. И овие две давачки се на товар на жителите на главниот град со кои се формира конечната цена.
„При утврдување на просечната тарифа за водната услуга снабдување со вода за пиење или водоснабдување, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги имаше предвид цената на водната услуга да не го надминува прагот на достапност, одреден на ниво од 3 отсто од просекот на вкупниот приход по домаќинство во подрачјето во кое се обезбедува водната услуга. Цената на водната услуга ги вклучува тарифата за водната услуга, надоместоците поврзани со користење на водите утврдени со Законот за водите или со друг закон, како и даноците утврдени со закон“, се вели во образложението на Регулаторот.
ЈП Водовод и канализација Скопје барањето за поскапувањето на услугата го поднесе лани во ноември. Во него беше посочено дека се бара зголемување на просечната цена на водната услуга снабдување со вода за пиeње за крајот на 2022 година на 38,57 денари за метар кубен, додека за следната 2023 година на 38,81 денар за метар кубен. Тоа значи дека за оваа година само делумно се прифаќа барањето на градското претпријатие за поскапување на главната услуга.
Од веб страната на јавното претпријатие каде е објавен ценовникот за услугите на компанијата, се гледа дека граѓаните односно домаќинствата водната услуга снабдување со вода за пиење ја плаќаат по цена од 18,50 денари. За разлика од нив, за останатите корисници цената достигнува 49,50 денари. Колкави ќе бидат цените за домаќинствата и за останатите корисници по промената на цената се уште не се знае.
- Во согласност со Законот за утврдување на цените на водните услуги, ЈП Водовод и канализација - Скопје редовно доставува извештаи до Регулаторна комисија за енергетика. Во однос на тоа до РКЕ соодветно се доставени извештаи за трошоците на претпријатието, кои се зголемени имајќи го предвид зголемувањето на цените на сите ресурси кои ги користи претпријатието. Во овој момент цената на водните услуги и покрај зголемувањето на трошоците како резултат на енергетската криза е непроменета. Околу евентуална промена на цената на водните услуги надлежни се Регулаторна комисија за енергетика и Советот на Град Скопје како основач на претпријатието – гласеше тогашниот одговор од ЈП Водовод и канализација.