Пет дела на некои од најпознатите македонски сликари, вчера биле огласени на продажба преку аукција во Австралија, со почетни цени од само 60 до 100 евра, пишува „СДК.мк“.
Колекционерот Влатко Милошевски, кој е родум од Македонија, а живее во Холандија и ги пребарува аукциите низ светот во потрага по слики од македонски уметници, вели дека ваквата ниска цена за овие врвни македонски дела, кои вредат илјадници евра, е запрепастувачка.
Можеби ќе ве интересира: Словенија и Хрватска меѓу петте европски земји со најдобри услови за живот
Овие слики, од кои тие на Васко Ташковски и Илија Пенушлиски се со поголеми димензии, кај нас постигнуваат многу високи цени, а на аукцијата се продавале неразумно евтино, вели тој.
„Во моите 25 години колекционерство и ликовно истражување, сум налетал само на 6 македонски дела кои се продавале на аукција: масло и цртеж на Никола Мартиноски, ‘икона’ на Кондовски, и по едно дело на Вангел Наумовски, Петар Мазев и Борко Лазески. Што значи, на секои 4 години ќе се појави по една македонска слика. Токму поради ова, бев шокиран од аукцијата што се одржа кај аукционерската куќа ‘Берсби аукции’ близу Сиднеј, Австралија. Имено, во нивниот каталог за оваа продажба истовремено се појавија дури 5 слики, масла на платно, од македонски сликари: две големи платна од Васко Ташковски, кој со право го носи епитетот македонскиот Салвадор Дали, две големи платна од Трајче Јанчевски (1928-2015), сликарот кој имал заеднички изложби со Пикасо, Шагал и Миро, и едно големо платно од Илија Пенушлиски македонскиот њујорчанец кој има уникатен апстрактен стил во цртањето на градски сцени. Но, уште по запрепастувачка ми беше почетната цена во наддавањето: 100 австралиски долари или околу 63 евра по слика!“, вели Милошевски за „СДК.мк“.
„Овие платна во Македонија вредат неколку илјади евра по платно. Потребен е специјален транспорт до Австралија за се однесат овие слики, овој транспорт исто изнесува неколку илјади евра. Се прашувам, кој е тој претходен сопственик на оваа колекција на слики, кој е толку богат да потроши десетина илјади евра за да ја донесе оваа колекција во Австралија, а е толку галантен да сега буквално ја фрли во ѓубре, нудејќи ја колекцијата на мала и непозната аукциска куќа таму некаде во Австралија, и со тоа почетни цени од 60 евра по слика?“ се прашува Милошевски.
Во обид да добие одговор дали овие слики што се нашле на аукцијата можеби се дел од сликите кои се наоѓаат во амбасадата на Македонија во Австралија, Милошевски пратил писмо до Министерството за надворешни работи преку нивната веб страна, како и до македонската амбасадата во Австралија, но не добил одговор.
Извор: sdk.mk