Веројатно барем еднаш сте се поврзале на безжичен интернет во трговски центар, на аеродром или во хотел, без да размислите дали тоа ги загрозува вашите лични податоци.
Но, тоа спојување во никој случај не е безопасно. Денес, безжичниот интернет е присутен насекаде, во скоро сите угостителски објекти, како кафулиња и ресторани што често ги посетувате.
Хотелите можат да бидат „опасни“, иако најавувањето на интернет изгледа безбедно. Многу компании кои се занимаваат со оваа тема, како Kaspersky или SensePost, со години укажуваа на тоа дека јавниот Wi-Fi претставува „голем безбедносен ризик“.
Можеби ќе ве интересира: Шест знаци дека некој ви го шпионира компјутерот
Ако мислите дека некој отмен хотел е побезбеден од локалниот мотел - грешите. Хакерите често креираат лажни безжични мрежи, кои имаат слично име како хотелски wi-fi, и најчесто пикираат места кои се посетени и популарни. Потоа чекаат „жртвата да падне во стапицата“, т.е. да се најавите на нивната мрежа.
Хакерите знаат дека е прилично лесно да ги збунат луѓето кои бараат бесплатен Wi-Fi. Тие се надеваат дека ќе ја изберете нивната лажна мрежа додека листате низ достапните мрежи.
Хакерите можат многу лесно да ја преземат контролата над Wi-Fi рутерот, дури и над некој официјален ако не е конфигуриран како што треба. Потоа им останува само да гледаат како вашите информации сами доаѓаат кај нив.
Ова се ситуации кога измамниците ѝ даваат на својата Wi-Fi мрежа речиси идентично име со некоја реална постоечка, надевајќи се дека ќе кликнете на нивната.
На пример, „Mreza Biblioteka“ ќе ја сменат во „mrezabiblioteka“ и ќе чекаат некој да се „улови“.
Во вакви случаи треба да внимавате точно на која мрежа сте се „закачиле“ првиот пат кога вработените ви ја кажале Wi-Fi мрежата или да го побарате знакот со овие информации што најчесто е закачен на видно место.
ЧЕКОР 1
Ако веќе морате да користите јавна Wi-Fi мрежа, одбегнувајте ги оние кои ви бараат лични податоци, како банкарска сметка, матичен број или адреса. Никогаш не обавувајте финансиски трансакции преку јавна Wi-Fi мрежа и не споделувајте лични податоци и лозинки. Никогаш!
ЧЕКОР 2
Проверете го името на мрежата и споредете го со другите. Не се приклучувајте на мрежа на јавно место како аеродром или библиотека ако податоците за името не ви ги каже вработен или не ги видите јасно објавени во просторот.
ЧЕКОР 3
Користете заштитени интернет сајтови кои користат HTTPS протокол што претставува безбедна верзија на HTTP стандардот. Ако не ја видите буквата „S“ не го користете тој сајт.
ЧЕКОР 4
Користете антивирус. Многу безбедносни и антивирус програми ве штитат од малвер (штетен софтвер) што се обидува да внесе лозинка во вашиот систем за да може полесно да му пристапи. Експертите за сајбер безбедност го повторуваат ова постојано, но ќе го повториме пак: секогаш имајте вклучен firewall и користете сложени лозинки.
ЧЕКОР 5
Користете виртуелна приватна мрежа (VPN). VPN не е семоќна, но ќе ве заштити додека користите јавен Wi-Fi (дури и кога го користите својот приватен Wi-Fi дома). Гледајте го тоа како свој приватен тунел што ве носи од локацијата на која се наоѓате (дома, библиотека, аеродром, McDonald’s, Starbucks) до сајтот што сакате да го посетите. VPN го штити „патувањето“ од вашата почетна локација до интернет сајтот.
Извор: kajgana.com