Немојте да дозволите лошата атмосфера што владее на вашето работно место да ви ја намали самодовербата. И чувајте ги сите пишани форми на комуникација.
Ако и на вашето работно место има колега или колешка кои прават напната атмосфера, постојано се незадоволни и со вас се однесуваат како силеџија поради кој не сакате да одите на работа и ви „се стемнува“ кога доаѓа понеделник, време е да се соочите со вашиот „демон“.
Можеби ќе ве интересира: Сѐ што треба да знаете за визите за дигитални номади во регионот
Овие силеџии најчесто малтретираат со исмевање, саботирање, подметнување вина, а понекогаш и со отворени закани и заплашувања. Ваквите луѓе не само што се лоши за продуктивноста на работното место, туку лошо се одразуваат на душевното здравје на нивната директна „мета“.
Секогаш има начин да се справите со ваквиот негативец.
Издигнете се над ситуацијата
Не сте должни да продолжите да комуницирате со таа личност ако прави да се чувствувате понижено. Не мора да одговарате на мејловите и „прозивањата“ во разговори што прават да се чувствувате непочитувани.
Сосема е во ред и физички да се отстраните од токсичната ситуација. Излезете од канцеларија, одете до веце, речете дека мора да одговорите на важен повик, кога силеџијата ви се обраќа. Направете сѐ што можете да си ги зачувате достоинството и душевниот мир.
Опкружете се со позитивни колеги
Ако сте вреден работник кој си ги сработува обврските навремено и како што треба, обидете се да најдете меѓу колегите луѓе кои ќе знаат тоа да го ценат. Ако силеџијата ве става во непријатна ситуација споделете го тоа со нив. Тоа не е озборување, туку повик за помош.
Не сфаќајте лично сѐ што ќе слушнете
Не си дозволувајте да се најдете во ситуација во која ќе се преиспитувате поради нешто што ви го рекол силеџијата со единствена намера да ве омаловажи и онерасположи. Вие не сте виновни за неговата/нејзината злоба. Едноставно има одвратни луѓе, а еден таков се погоди да работи со вас.
Чувајте ги сите пишани форми на комуникација
Има и најлошо сценарио, кога веќе ситуацијата е неподнослива. Ако малтретирањето се одвива во пишана форма, прeку мејлови, СМС пораки или платформи за инстант пораки (Messenger, Viber), чувајте ги, а не е лошо и да ги испечатите. Ако дојдете во ситуација да се одбраните кога ќе ве нападне професионално, или сакате да поднесете тужба за малтретирање на работното место, да имате доказ, за секој случај.
Извор: kajgana.com