Државниот пазарен инспекторат секојдневно ги контролира цените на замрзнатите производи на територијата на цела држава. Од почетокот на донесувањето на владините одлуки за „замрзнување“ на цените на одредени производи до денеска спроведени се над 1.800 инспекциски надзори и одлуките генерално се почитуваат, вели в.д директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски.
„Но, во неколку наврати се изречени и казни кои вкупно надминаа 2.5 милиони денари. Во зависност од големината на правниот субјект, варираат и висините на казните кои се движат од 800 до 10.000 евра. Граѓаните постојано испраќаат поплаки до нас за високите цени на производите на рафтовите, но Државниот пазарен инспекторат нема ингеренции во формирањето на крајната цена на производите.
Ние сме тука да вршиме проверки само на одлуките кои ги носи Владата и да спречиме нивна злоупотреба. Се очекува денеска да бидат замрзнати цените на зеленчукот и овошјето, а сигурен сум дека во наредниот период ќе бидат замрзнати цените и на други производи за кои веќе се прават анализи“, нагласи Трајковски.