Истражувањата покажуваат дека 90% од облеката што ја переме всушност не е валкана, а некои други работи, пак, не ги переме доволно често.
Со цел да заштедите време, енергија и пари, а и да го задржите сјајот на облеката подолго време, научете што треба да перете поретко, а што почесто.
Хеланки и фармерки
Дури и Чип Берг, директорот на компанијата Levi’s која го произведува овој култен бренд за фармерки, препорачува никогаш да не го перете џинсот во машина за перење и да ги перете што е можно поретко. Тој тврди дека не ги испрал неговите фармерки во машина за перење веќе десет години.
Нема потреба да ги перете после секое носење. Доволно е да ги превртите, да ги накиснете во ладна вода, да ги оставите да отстојат со малку детергент и да ги исперете рачно.
Од друга страна, хеланките како парче облека се носат прилично припиен до кожата и впиваат многу пот, што значи дека задржуваат многу повеќе бактерии.
Ако ги носите секој ден, перете ги на 2-3 дена, а хеланките со кои вежбате перете ги на соодветна температура после секој тренинг.
Една третина од жените ги перат градниците еднаш на две недели, а останатите уште поретко, под услов да не го носат истиот градник секој ден.
Тоа е сосема ок и се препорачува да не се носи истиот градник секој ден за да се пере поретко и со тоа да му се продолжи животниот век.
Сепак, спортските градници мора да ги перете по секое носење. Истото важи и за обичните, ако сте биле многу испотени.
Ако носите капа секојдневно треба да ја перете еднаш неделно или на две недели, но ако ја носите сезонски доволно е два-три пати во сезоната.
Качкетите треба да ги перете исклучиво рачно во ладна вода, два пати во сезоната.
Постелнина и навлаки за перници
Прашината што се наталожува на постелнината е „мамка“ за бактерии, вируси и други штетни микроорганизми кои може да бидат причина за алергиски реакции, потешкотии со дишењето... За да го избегнете тоа менувајте ја постелнината на секои 10 дена.
Јакни и капути
Јакните не треба да ги перете почесто од еднаш на три месеци и тоа во ладна вода. Тие не доаѓаат во директен контакт со кожата, така што не е потребно пречесто перење.
Капутите, во зависност од материјалот, најдобро е да ги однесете на хемиско чистење, а не да ги перете на рака или во машина за перење.
Драпериите треба да ги перете еднаш или два пати годишно, во зависност од тоа колку често ги чистите со правосмукалка во меѓувреме.
Завесите треба да ги перете најмалку еднаш на шест месеци бидејќи на нив се лепи прашина кога ги отворате прозорците или балконските врати.
Ако пушите во местото каде што живеете треба да ги перете завесите уште почесто (еднаш на 2-3 месеци), а истото важи и за завесата во кујна.
Извор: kajgana.com