Општина Илинден објави Јавен повик за еднократна парична помош за набавка на инвертер-клими или соларни панели на лица со постојано место на живеење на територија на општината, во рамки на Програмата за финансиска поддршка на целни групи граѓани на Општина Илинден за 2023 година.
- Како што изјави градоначалникот Александар Георгиевски, целта е да се стимулираат граѓаните на општина Илинден (домаќинствата) за употреба на високоефикасни инвертер клима уреди за затоплување на своите домови, кои се поекономични, енергетски поефикасни и еколошки прифатливи за околината. Износот кој го доделува Општината како финансиска помош изнесува 50 отсто од сумата за која е купена инвертер-климата или соларниот панел односно до максимум 10.000 денари по производ, соопшти Општина Илинден.
Би можело да ве интересира: Град Скопје со мост ќе ги поврзе Маџари и Лисиче?
Барањата од Јавниот повик ќе бидат разгледувани по редослед според датумот и времето на пристигнување. Право на учество на Јавниот повик има секој граѓанин со постојано место на живеење во општина Илинден кој ќе купи инвертер-клима или соларен панел од денот на објавување на јавниот повик се до исцрпување на буџетот за таа намена.
За сите дополнителни информации заинтересираните граѓани може да се информираат директно во просториите на Општина Илинден или на официјалната веб-страница www.ilinden.gov.mk.