Веќе неколку години, Хрватите им ги „крадат“ сезонците на Црногорците. Повеќето од македонските посредници кои во 2016, 2017, 2018 и 2019 година регрутирале работници за работа во Црна Гора, било да е за градежништво или работа во туризам, повеќе не го прават тоа. Велат дека македонските работници заминуваат во земји каде има повисоки плати, односно ако треба да бираат меѓу Црна Гора и Хрватска, ја бираат Хрватска или пак заминуваат во Германија. Според нив, Црна Гора ја губи трката во таа борбата за обезбедување сезонци.
„Платите си диктираат каква ќе биде состојбата на пазарот на труд. Ние поодамна носевме работници во Црна Гора, кога имаше наплив на руски капитал и се градеше многу во градовите на море. Сега не следиме што се случува таму, но мислам дека работите се сменија. Точно е дека Хрватите ги „крадат“ работниците на Црнгорците, но и на нас Македонците ни ги „крадат“, затоа што и овде фалат градежници“, велат од скопска фирма.
Друг посредник вели дека во Хрватска градежниците земаат од 1.500 до 2.000 евра месечно и затоа оваа земја е примамлива за македонските работници. Платите кои се нудат за оваа сезона во Црна Гора се од 600 евра за келнер, до максимум 1.100 евра за готвач. Оние македонски посредници кои ги поврзуваат работниците со црногорските газди, велат дека висината на платите зависи од искуството на кандидатот, но немало некој голем интерес годинава, а според нивните кажувања претходните години имало и македонски работници кои заминувале на Кипар.
„Точно е дека повеќе работници одат за Хрватска и тоа од повеќе причини. Главно е тоа што работниците се поплатени. Освен тоа, порано им почнува и подолго им трае сезоната, а имаат и добар маркетинг и добро се организирани за вадење на работни дозволи. Имаме Македонци кои добија работа кај нас во Црна Гора, но и на Блискиот Исток за каде нудиме работа во познати хотелски брендови. Заинтересирани сме за македонскиот пазар на труд и имаме отворено претставништво и во Скопје. Наскоро ќе почнеме со огласување на сезонските работни позиции. Сметаме дека ќе го задржиме вниманието на младите луѓе, затоа што и кај нас условите за работа се подобрени со покачување на платите и со подолго траење на сезоната“, вели Вера Лековиќ, директорка на РХР Агенцијата за вработување.
За оваа сезона има многу огласи за работа во Хрватска. Наведено е дека платите за оние работници без искуство се 800 евра со обезбедено сместување и храна, но има и повисоки плати од 1.000, 1.100 евра, 1.500 евра зависно од позицијата. Лан над 5.000 македонски работници работеле на приморје во Хрватска.
Извор: faktor.mk