Францускиот гигант за луксузни стоки, LVMH , стана во понеделникот, 24 април 2023 година, првата европска компанија што ја надмина пазарната вредност од 500 милијарди долари, поради скокот на цената на акциите и зајакнувањето на еврото.
Луксузната групација контролирана од Бернард Арно, моментално најбогатата личност во светот според индексот на милијардери на Блумберг , со нето богатство од 213 милијарди долари, забележа пораст на приходите од 17 отсто во резултатите од првиот квартал.
Тоа е двојно повеќе од очекувањата на аналитичарите.
Акциите на матичната компанија на брендовите Луј Витон, Моет и Шандон и Хенеси , по што следат Живанши, Кристијан Диор, Булгари и Сефора - сосема природно и очекувано - скокнаа по објавувањето на резултатите.
Акциите на самата групација, која е присутна на берзата во Париз, во понеделникот наутро поскапеа за 0,3% до 903,70 евра за парче , а благодарение на нив вредноста на LVMH беше проценета на 454 милијарди евра или 500,5 милијарди долари.
Францускиот гигант објави приход од 79,2 милијарди евра за 2022 година, при што профитот достигна 21,1 милијарди евра , што е рекордно остварување втора година по ред.
Последните податоци, всушност, покажуваат дека побарувачката за луксузни стоки како што се чантите од Луј Витон и фустаните на Кристијан Диор - остана на истото, завидно ниво и покрај зголемената инфлација во ЕУ и зголемувањето на каматните стапки.
Извор: faktor.mk