Небото над Лондон во средата и четвртокот вечерта било осветлено од дронови кои во еден момент се формирале во QR код, а луѓето почнале да се прашуваат за што точно се работи, пишува „Insider“.
QR код на небото
400 беспилотни летала цртале необични шари, а потоа се формирале во логото на лондонската осигурителна компанија „Beazley“. Потоа, на небото се појавил летечки QR код, лебдел околу 20 секунди и потоа исчезнал.
Од осигурителната компанија објаснија дека спектаклот со дрон е поврзан со нивниот деловен настан одржан таа вечер, а на кој присуствувале 700 гости.
Тие нагласија дека тоа е најголемото приватно шоу со беспилотни летала досега и дека демонстрациите содржеле повеќе дронови отколку што биле користени на дијамантскиот јубилеј на кралицата.
Луѓето го скенирале кодот
Се разбира, од љубопитност, луѓето почнале да го скенираат кодот, кој води до Јутјуб линк од хит песната на Рик Астли, „Never Gonna Give You Up“, иако никој не знаел што точно би требало да значи.