Според познавачите на состојбите, ниските плати се најголемата причина поради која бројни работници од туристичкиот сектор заминуваат во екот на сезоната. Работодавците велат дека не се моќни да дадат плати како во земјите на ЕУ
„Што правиме сега. Ние работиме со пензионери, молиме на дневници, каде што нема ефектива тоа. Квалитетот го изгубивме“, вели Љупчо Цветаноски, сопственик на хотел „Маива“.
Средношколци без работно искуство и пензионери ќе ја спасуваат и оваа туристичка сезона, покрај Охридското езеро. Огласи многу, слободни работни места, како никогаш досега, но слаба заинтересираност. Нема угостителски објект или хотел во кој не се бараат работници. Од готвачи, келнери, шанкери, рецепционери, пекари, слаткари, собарки.
„Ние дополнуваме отприлика околу 60 вработени со вработувања од сезонски карактер. Досега сме стигнале до бројка околу 20, што значи дека уште 40 луѓе ни се потребни за да може да го пополниме тој минимален обем, потребен за оперативни активности“, вели Филип Мишевски- генерален директор на хотели Метропол и Белви.
Младите заминуваат за Хрватска или Германија, каде се нудат повисоки плати и подобри услови. Но, некои имаат предлог, како тоа да се спречи.
„Сето тоа ми е мене многу смешно. Нека се стегнат газдите, нека дадат плата, децата ќе останат овде и готова работа. Платата е многу битна. За да ги задржиме нашите кадри тука, треба да ги платиме. Па не мора да имаме многу профит. Смали си од профитот, дај му на вработените, и нека континуирано работат сите објекти“, смета Љупчо Јузмески, туристички водич.
Не можеме да постигнеме цена од 70, 80, 120 евра, за да го постигнеме личниот доход, кој го нуди хрватскиот пазарЉупчо Цветановски, Хотел „Маива“
Спасот го гледаат и во промена на образовниот систем со практична настава два дена неделно, и задолжителна работа од најмалку 30 дена во текот на летото.
„Наместо да ги образуваме кадрите и да им дадеме практичен дел, ние ги изгубивме со распусти, каде не се искористени како работна снага, а можат да дадат голем придонес во вработувањето. Тука треба бргу да се реагира, бидејќи овие проблеми од година во година се сè поголеми. Затоа неможеме да разговараме за функционирање во текот на цела година од 12 месеци, туку како да ја звршиме годината со четири-пет месеци и да ги затвориме хотелите“, смета Цветаноски.
Целиот текст прочитајте го на: mk.voanews.com