Веста „Езеро не е море, Охрид не е Солун, ама и евро и 3,5 евра за кафе не е исто“, односно информацијата за споредбените цени во Охрид и Солун во соседна Грција деновиве е помеѓу најчитаните на Facebook профилот на OhridPress деновиве.
– Езеро не е море, Охрид не е Солун, ама и евро и 3,5 евра за кафе не е исто. Еспресо и мало макијато по 3,5 евра, нескафе 4 евра, сепак е премногу. За вкупната сума која ја плативме за кафе, има ресторани во Охрид каде можевме и да се ручаме, стои во дописот.
Охрид важи за еден од поскапите градови во Македонија, особено за оние кои живеат во него, затоа што се’ уште не профункционира системот на сезонски и цени вон сезона. Граѓаните живеат со „летни цени“ во текот на целата година, а последните поскапувања направија цените да пораснат барем за нови 20-30%.
Читателите на OhridPress во најголем број го коментираат моментот со цените во Охрид кои за локалците важат 365 дена во годината, но и потенцираат дека во Охрид има угостителски објекти, од кои дел се и на првата езерска линија, каде кафе може да се пие и за 40 денари. Секако имаме и бројни бисери на познатата охридска луцидност, уште повеќе обиди за истата, имаме коментари од сопственици на угостителски објекти, кои најдоа плодна почва за бесплатна промоција… Имаме секакви коментари, но останува фактот дека станува збор за „жешка тема“, која во комбинација со недостатокот на работна сила, ќе биде една од темите околу кои „ќе се кршат копјата“ ова лето во Охрид, а особено од септември, кога Охрид полека ќе се врати во својот редовен ритам на живеење.
извор: ohridpress.com.mk