Минатата година бројни компании, вклучувајќи и големи технолошки фирми, започнаа со непопуларните мерки за намалување на трошоците кои вклучуваа и отпуштања.
Десетици илјади луѓе останаа без работа, а на ситуацијата се приспособија и шефовите на некои компании. Откако „Zoom“ најави 1300 откази, извршниот директор на компанијата Ерик Јуан ја намали својата плата за 98 отсто и одби да прими бонус, Џеф Лосон од „Twilio“ исто така се согласи на помала плата откако компанијата отпушти 17 отсто од вработените, а и Тим Кук доби 40 отсто помала плата.
Но, не сите биле толку колегијални. Веќе пишувавме за приходите на првиот човек на „Google“ и „Alphabet“ кој минатата година заработи дури 226 милиони долари. Додека неговата основна плата изнесува „само“ 2 милиони долари, Сундар Пичаи добил и 6 милиони долари за лична безбедност и награда во акции од дури 218 милиони долари. Таквите акционерски награди ги добива на секои 3 години, a неговите приходи од „Google“ во 2019 година изнесувале речиси 280 милиони долари.
Заработката на Сундар од „Google“ секако не е спорна и тој само ги добил парите кои му се загарантирани со договор, но ваквиот потег не им се допаднал на вработените во неговата компанија. За потсетување, од „Alphabet“ најавија кратење на трошоците кое, покрај укинување на одредени бенефиции, вклучува и откази за околу 12.000 вработени. Во таква ситуација, приходите на извршниот директор од 226 милиони долари не изгледаат како добар ПР потег помеѓу неговите вработени, иако сепак сè е според закон и договор.
По објавата на информациите за неговите примања, на интерните форуми на „Google“ започнале да кружат мемиња во кои се критикува и исмејува ваквиот потег на компанијата. На едно од нив се наоѓа ликот на Шрек, со текст како Пичаи прифаќа 226 милиони долари додека отпушта луѓе, им укинува бенефиции и го уништува моралот и културата на компанијата, со цитат: „Некои од вас можеби ќе умрат, но тоа е жртва која сум подготовен да ја поднесам“.
Извор: supermen.tocka.com.mk