Германија се соочува со голем недостиг на квалификувана работна сила, практично во сите гранки. Најголеми проблеми има во секторот за социјална работа.
Здруженијата на работодавачи уште минатата година објавија дека бараат зголемена имиграција на работници.
Според последното направено истражување, помеѓу 2021 и 2022 година, на пазарот на трудот во Германија недостасуваа повеќе од половина милион квалификувани работници. Ова е резултат на студијата спроведена од Институтот за германска економија (IW) во Келн. Регистрирани се вкупно 537.923 непополнети работни места.
Најмногу проблеми со вработувањето стручен труд во изминатите 12 месеци имало во секторот за социјална работа. Таму има 20.578 непополнети работни места, што е нов рекорд, тврди IW. „Станува збор за професионалната работна сила која недостасува, на пример, во социјалната работа во училиштата, работата со млади, деца и во домовите за стари лица или во советувањето на зависниците. Значи во сите оние области каде што е потребна човечка поддршка за решавање социјални проблеми“, пишуваат авторите на студијата Хелен Хикман и Филис Конеберг.
Недостиг од работници во многу сектори
Сличен недостиг на стручна работна сила е забележан и во секторот каде што работат воспитувачи од предучилишна возраст - 20.500 работни места сè уште се непополнети. „Ова е рекордна вредност во тој сектор“, се вели во студијата на IW. Во домовите за стари лица недостигаат 8.279 негувателки, потребни се 16.974 електротехничари, а уште 16.839 работници се потребни во здравствениот сектор, односно грижата за пациентите.
Сè потешко е да се најде професионална работна сила за санитарните компании, односно оние компании кои се занимаваат со системи за греење или одржување на климатизација. Им недостасуваат 14.013 работници. Германските компании бараат 13.638 ИТ специјалисти, 12.060 физиотерапевти, 11.771 техничари за одржување на моторни возила и 10.562 професионални возачи. За возачите, IW предвидува дополнително заострување на состојбите на пазарот на трудот, со оглед на фактот дека „вработените се натпросечни стари и имајќи го предвид недостатокот на помлади луѓе“.
Извор: faktor.mk